Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Заедничките оброци го зближуваат семејството

Заедничките оброци го зближуваат семејството

Заедничките оброци го зближуваат семејството

„Животот е исполнет не само со радост и љубов туку и со тага и солзи. Но, сеедно дали сме среќни или тажни, ние мораме да јадеме. И среќните и тажните може да ги разведри еден убав оброк“ (Лори Колвин, американска писателка)

НА ВРЕМЕТО, во многу домаќинства во западните земји постоеше еден убав обичај: најмалку еднаш дневно, сите да се соберат околу трпезата за да јадат заедно. За време на оброкот, никому не му беше дозволено да прави нешто друго. Никој не гледаше телевизија, никој немаше слушалки на ушите и не се допишуваше со пријателите преку мобилен. Срдечната атмосфера им овозможуваше на присутните, додека уживаа во здрава храна, да учат еден од друг, уште повеќе да се зближат меѓу себе и заедно да се смеат за она што им се случило во текот на денот.

Денес, семејните оброци за многумина се еден застарен обичај. Во многу домови, семејствата ретко седнуваат да јадат заедно. Зошто им е тешко да го прават тоа? Дали вреди да се зачува оваа традиција? Како може тоа да им користи на сите во семејството?

Семејните оброци — сѐ поретка појава

„Фактот што, во текот на само една генерација, многу семејства... го запоставија својот обичај да вечераат заедно покажува колку брзо се менува односот меѓу членовите на семејството“, објаснува Роберт Путнам во својата книга Сами на куглање (Bowling Alone). На што се должи овој тренд? Како прво, за да ги покријат животните трошоци, и мажите и нивните сопруги се принудени да поминуваат повеќе време на работа. Самохраните родители, кои обично се во потешка економска ситуација, имаат уште помалку време. Како второ, денешново брзо темпо на живот ги тера луѓето да зготват нешто набрзина или да си купат сендвич. Ни децата не се поштедени. И тие, како и возрасните, се преоптоварени, на пример, со спортски и со други воншколски активности.

Некои татковци повеќе сакаат да се вратат дома откако нивните мали деца ќе заспијат за да не им пречат додека вечераат. Други родители се враќаат дома навреме, но прво им даваат вечера на децата и ги легнуваат, а потоа самите вечераат на мир.

Ваквите ситуации довеле до тоа секој член на семејството да јаде посебно. Разговорите околу трпезата се заменети со белешки на фрижидерот. Секој се враќа дома, си топли веќе зготвено јадење и седнува пред телевизорот, пред компјутерот или пред конзолата за видеоигри. Се чини дека ваквиот тренд во општеството не може ништо да го смени. Тогаш, дали вреди да му се спротивставиме?

Добрите страни на семејните оброци

Заедничките оброци им даваат на родителите посебна можност да се грижат за емоционалните потреби на своите деца. Трпезата е „место каде што децата можат редовно да бидат со родителите кои ќе им посветат внимание во опуштена атмосфера“, објаснува Миријам Вајнстајн во својата книга Неверојатната моќ на семејните оброци (The Surprising Power of Family Meals). „Иако не е лек за сѐ, семејната вечера може да помогне да се средат многу проблеми, и тоа без голем труд.“

Со ова се согласува и еден средовечен татко од Шпанија по име Едуардо. „Кога живеев со родителите, на масата секој ден се собиравме по 11 души“, вели тој. „Татко ми правеше големи жртви да се врати дома и да руча со семејството. Тоа беше посебна прилика во секој поглед. Сите бевме во тек што се случува во животот на секој член од семејството. Честопати можеше да се чуе хумор и смеа. Овие драги спомени ме уверија дека треба да го следам примерот на татко ми.“

Семејните оброци им помагаат на децата да водат урамнотежен и здрав живот. Американскиот државен завод за лекување од зависност и злоупотреба на дрога при Универзитетот Колумбија известува дека младите кои со своите семејства јадат околу пет пати седмично имаат помалку проблеми поврзани со претерани грижи, досада или незаинтересираност и имаат подобри оценки на училиште.

„Сметам дека семејните оброци ги прават децата емоционално стабилни“, додава Едуардо. „Моите ќерки не мора да планираат кога да разговараат со нас. Семејните оброци им даваат одлична можност да го прават тоа секој ден. А јас, како татко, можам да дознаам со какви проблеми се соочуваат.“

Освен тоа, се чини дека овие заеднички оброци ги спречуваат лошите навики на исхрана. Универзитетот Навара во Шпанија известува дека ризикот од нарушување во исхраната е поголем кога некој редовно јаде сам. Точно е дека вакви нарушувања можат да се јават кај секого, но ако некој нема навика да јаде во друштво, поподложен е на нив. „Кога семејството редовно јаде заедно, децата се чувствуваат згрижени. Семејните оброци влијаат врз нивната емоционална сигурност, која произлегува од пријатната и срдечна атмосфера во семејството“, објаснува Есмералда, која има две ќерки.

Семејните оброци им даваат на родителите можност да се грижат за духовните потреби на своите деца. Пред околу 3.500 години, Бог ги поттикнал Израелците да бидат со своите деца за да им ги всадат духовните вредности во срцето (5. Мојсеева 6:6, 7). „Бидејќи, пред да јадеме, заедно се молиме и го разгледуваме дневниот стих, за нас семејните оброци се прилики за духовна поука“, вели Анкел, татко на две деца. Имајќи предвид колку е корисно тоа, некои семејства стекнале навика редовно да јадат заедно. Што им помогнало?

Како да се успее

„Неопходно е да имате желба и да бидете организирани“, објаснува Есмералда. „Прилагодете го вашиот распоред на оној што се враќа дома последен.“ Марибел, мајка на две деца, вели: „Сите се собираме на вечера секој ден, сеедно што ќе се случи“. Некои семејства го користат своето слободно време од викендот за да ги подготват состојките, па дури и вечерните оброци за целата седмица.

Од помош може да биде и ако на семејните оброци им дадеме приоритет. „Морав да го прилагодам своето работно време за да можеме да вечераме заедно, но тоа вредеше“, вели Едуардо. „Сега сум посвесен што се случува со моето семејство. Ако се земе предвид дека секој ден морам долги часови да се концентрирам на работата, би било безобѕирно да не му обрнам исто такво внимание и на семејството кога вечераме.“

Што е со работите што можат да ни го одвлечат вниманието? „Онаму каде што јадеме немаме телевизор“, вели 16-годишниот Давид. „Времето го користиме за да им раскажеме на мама и на тато како си поминавме тој ден, и тие честопати ни даваат добри совети.“ „Тинејџерите денес многу ретко разговараат со своите родители“, додава Давид. „Дури и кога целото семејство е дома, секој јаде посебно, гледајќи телевизија. Не сфаќаат колку пропуштаат.“ Сандра (17) се согласува. Таа вели: „Жал ми е кога некој од соучениците ќе рече: ‚Баш ме интересира што ми оставила мајка ми во фрижидерот‘. Според мене, целта на семејните оброци не е само да се најадеме туку и да се смееме, да разговараме и да ја изразиме меѓусебната љубов“.

Семејните оброци можат да бидат вистинска „заштита од притисокот со кој се соочуваме секој ден“, стои во книгата Неверојатната моќ на семејните оброци. Можат ли овие моменти да го зближат твоето семејство? Ако си премногу зафатен, семејните оброци ќе ти дадат прилика да се опуштиш и да разговараш со своите најмили. Биди сигурен дека нема да зажалиш!

[Рамка/слика на страница 15]

ДОДЕКА УЖИВАТЕ ВО СЕМЕЈНИОТ ОБРОК, МОЖЕТЕ ДА НАУЧИТЕ...

...да разговарате. Децата можат да научат да зборуваат и да слушаат со почит. Разговорите им го збогатуваат речникот и ги учат како да се изразуваат.

...да соработувате. Децата би можеле да ја поставуваат и да ја раскреваат масата, да исчистат по јадењето или да ги послужуваат другите. Како што растат, би можеле да научат и да готват.

...да се храните здраво и редовно.

...да покажувате добри манири. Научете да бидете дарежливи — делете ја храната и не настојувајте да го земете најдобриот дел. Научете да забележувате што им е потребно на другите додека јадат.