Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Најдов надеж кога најмногу ми требаше

Најдов надеж кога најмногу ми требаше

Одеднаш лежев со лицето во вода. Пробав да си ја кренам главата за да земам здив, но не можев да го мрднам вратот. Преплашен, се обидов да се свртам, но немав никаква контрола над рацете и нозете. Белите дробови почнаа да ми се полнат со вода. Тоа се случи еден топол летен ден во 1991 год. Од тој ден животот ми се смени од корен.

РОДЕН сум во градот Серенч, а пораснав во селото Тисаладањ во североисточна Унгарија. Во јуни 1991 год., заедно со некои пријатели отидовме на реката Тиса. За првпат бевме на тоа место и, мислејќи дека водата е длабока, скокнав главечки. Катастрофална грешка! Скршив три пршлени на вратот и го повредив ’рбетниот мозок. Еден од пријателите виде дека не мрдам и внимателно ме подигна и ме извлече пред да се удавам.

Цело време бев свесен и ми беше јасно дека повредата е сериозна. Беше повикана брза помош, по што пристигна хеликоптер со кој бев однесен во болница. Таму ми го оперираа ’рбетот за да не дојде до понатамошни оштетувања. Подоцна бев префрлен во главниот град Будимпешта на рехабилитација. Поминав три месеци легнат на грб. Иако можев да ја вртам главата, немав никаква контрола над мускулите од рамењата надолу. На 20 години станав потполно зависен од другите. Бев толку потиштен што повеќе не ми се живееше.

Кога конечно можев да си одам дома, моите родители добија обука за да знаат како да се грижат за мене. Но, грижата ги исцрпуваше и физички и емоционално. По една година, потонав во депресија. Тогаш почнав да одам во психолошко советувалиште. Тоа ми помогна да гледам поинаку на мојот инвалидитет.

Исто така, почнав подлабоко да размислувам за животот. Која е смислата на животот? Зошто ми се случи ова? Одговорите ги барав во разни списанија и книги. Пробав да ја читам и Библијата, но ми беше тешко да ја разберам и ја оставив. Дури разговарав и со еден свештеник, но ни тој не ми даде некој добар одговор.

Пролетта 1994 год., двајца Јеховини сведоци дојдоа кај татко ми. Тој ги замоли да зборуваат со мене. Ги слушав додека ми објаснуваа дека Бог има намера да ја направи целата Земја рај и да им стави крај на болестите и страдањата. Сето тоа звучеше многу убаво, ама јас го примив со резерва. Сепак, зедов две библиски публикации од нив. Откако ги прочитав книгите, се согласив да ја проучувам Библијата со Сведоците. Тие ме поттикнуваа и да се молам.

Се уверив дека Бог навистина се грижи за мене

 Проучувајќи со нив, директно од Библијата добив одговор на многуте прашања што ги имав. Исто така, се уверив дека Бог навистина се грижи за мене. На 13 септември 1997 год., по две години проучување на Библијата, се крстив дома во кадата. Тоа беше еден од најсреќните денови во мојот живот.

Од 2007 год. живеам во Будимпешта во дом за инвалиди. Оваа преселба ми овозможи да им ги пренесувам на другите прекрасните работи што ги учам. Кога времето е убаво, можам дури и да излегувам со помош на специјално адаптирана моторна количка што ја управувам со брадата. Тие прилики ги користам за да зборувам со луѓето.

Благодарение на финансиската помош од едно семејство од моето собрание, можев да си купам лаптоп кој работи на тој начин што ги следи движењата на мојата глава. Со компјутерот можам да им се јавувам на луѓето преку Интернет и да им пишувам писма на станарите што објавителите од моето собрание не ги нашле дома. Помагајќи им на другите на овој начин, научив подобро да комуницирам и да ги тргам мислите од мојата ситуација.

Ја пренесувам библиската порака преку Интернет со помош на компјутер што ги следи движењата на мојата глава

Можам дури да одам и на христијанските состаноци. Кога ќе пристигнам во Салата на Царството, моите духовни браќа внимателно ме качуваат на првиот кат сосе количката. За време на состаноците, кога присутните може да коментираат, братот што седи до мене крева рака место мене. Потоа ми ја држи Библијата или публикацијата што ја проучуваме додека јас коментирам.

Постојано имам болки и речиси за сѐ ми треба помош од другите. Затоа, на моменти сѐ уште се чувствувам потиштено. Но, утеха ми носи пријателството со Јехова Бог и мислата дека тој ме слуша кога му кажувам што ме мачи. Сила ми дава и тоа што секој ден ја читам Библијата. Голема помош ми се и моите духовни браќа и сестри. Нивното пријателство, емоционалната поддршка и нивните молитви ми помагаат да останам со здрави мисли и да не паднам емоционално.

Јехова ми даде утеха кога најмногу ми требаше. Ми даде и надеж дека ќе имам совршено здравје во новиот свет. Со радост го чекам времето кога ‚ќе одам, ќе потскокнувам и ќе го фалам‘ за неговата неизмерна љубов и добрина (Дела 3:6-9).