Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Коцкање

Коцкање

Некои луѓе гледаат на коцкањето како на безопасна забава, а други го сметаат за опасен порок.

Дали коцкањето е погрешно?

ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:

За многумина коцкањето е безопасна забава сѐ додека е во рамките на законот. Со некои видови легално коцкање, како што се државните лотарии, се собираат средства кои се користат за општото добро.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Никаде во Библијата конкретно не се спомнува коцкањето. Сепак, во неа можеме да најдеме голем број начела кои ни покажуваат што мисли Бог за коцкањето.

Во суштината на коцкањето лежи желбата да се добијат пари на сметка на другите. Тоа е во спротивност со предупредувањето што ни го дава Библијата да се ‚чуваме од секаква лакомост’ (Лука 12:15). Алчноста е главната причина зошто некој се коцка. Бидејќи знаат дека оние што сакаат да се збогатат преку ноќ се обложуваат на големи суми, коцкарниците рекламираат огромни добивки, а притоа не им кажуваат на луѓето колку се мали шансите да добијат нешто. Коцкањето им ја разгорува желбата на луѓето лесно да дојдат до пари и не им помага да се борат против алчноста.

Оние што се коцкаат се водени од себична цел — да ги освојат парите што другите играчи ги изгубиле. Сепак, Библијата нѐ поттикнува да ‚не ја бараме својата корист, туку користа на другиот‘ (1. Коринќаните 10:24). Една од Десетте заповеди гласи: ‚Не посакувај ништо што му припаѓа на твојот ближен‘ (2. Мојсеева 20:17). Оној што се коцка се надева дека ќе победи, а со тоа, всушност, се надева дека другите ќе изгубат.

Освен тоа, Библијата нѐ предупредува да не гледаме на среќата како на некоја натприродна сила која може да ни помогне да го добиеме она што го сакаме. Во древниот Израел, некои луѓе немале вера во Јехова Бог и ‚му поставувале трпеза на богот на Среќата‘. Дали Јехова го одобрувал тоа што тие луѓе се надевале на „богот на Среќата“? Не. Тој им рекол: ‚Го правите она што е зло во мои очи и го избирате она што не ми е по волја‘ (Исаија 65:11, 12).

Точно е дека во некои делови од светот средствата од легалното коцкање се наменети за финансирање на образованието, за поттикнување на економскиот развој и за други работи кои се од јавен интерес. Но, тоа што овие средства се користат за вакви цели не го оправдува начинот на кој се стекнати — преку активности кои директно поттикнуваат на алчност, себичност и желба од ништо да се добие нешто.

‚Не посакувај ништо што му припаѓа на твојот ближен‘ (2. Мојсеева 20:17)

Кои се последиците од коцкањето?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Библијата нѐ предупредува дека „оние што решиле да се збогатат, паѓаат во искушение и во замка и во многу неразумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и во пропаст“ (1. Тимотеј 6:9). Во основата на коцкањето лежи лакомоста, а во Библијата таа е вброена меѓу работите што Бог ги осудува (Ефешаните 5:3).

Бидејќи главната цел на оној што се коцка е да се збогати на лесен начин, коцкањето ја разгорува љубовта кон парите — нешто кое Библијата го нарекува „корен на секакви зла“. Желбата за пари може силно да влијае врз луѓето. Таа може да им предизвика многу грижи и да им ја уништи верата во Бог. Во Библијата пишува дека оние што ги сакаат парите ‚си нанесуваат многу маки‘ (1. Тимотеј 6:10).

Алчните луѓе не се среќни и не се задоволни со она што го имаат во материјален поглед. Во Проповедник 5:10 пишува: „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро, и кој го сака богатството, никогаш не му е доста добивка“.

Милиони луѓе што сакале да се збогатат паднале во замката на коцкањето и станале зависници. Коцкањето е проблем од светски размери. Според некои проценки, само во САД има милиони зависници.

Една изрека гласи: „Наследството кое од почетокот се стекнува со алчност, на крајот не е благословено“ (Изреки 20:21). Поради оваа лоша навика, многумина заглавиле во долгови до гуша или дури банкротирале, ја изгубиле својата работа, си го уништиле бракот и останале без пријатели. Ако ги применуваме библиските начела, можеме да спречиме коцкањето да ни ги уништи животот и среќата.

„Оние што решиле да се збогатат, паѓаат во искушение и во замка и во многу неразумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и во пропаст“ (1. Тимотеј 6:9)