Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | МЛАДИ

Како да стекнеш вистински пријатели

Како да стекнеш вистински пријатели

ПРЕДИЗВИК

Благодарение на технологијата, како никогаш порано можеш на лесен начин да бидеш во контакт со многу луѓе. Сепак, пријателствата што ги имаш можеби ти изгледаат површни. Еден млад човек тоа го опишал вака: „Мислам дека моите пријателства можат да се распаднат секој миг. А татко ми има пријатели со кои е близок со години!“

Зошто денес е толку тешко да се има долготрајни и цврсти пријателства?

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Дел од вината лежи во технологијата. Пишувањето пораки, социјалните мрежи и сличните видови на комуникација оставаат впечаток дека можеш да бидеш пријател со некого без да се дружите. Разговорите се заменија со брзи и кратки пораки. „Луѓето сѐ помалку разговараат лице в лице“, пишува во книгата Artificial Maturity. „Учениците минуваат сѐ повеќе време пред екраните а сѐ помалку еден со друг.“

Понекогаш, технологијата може да направи некои пријателства да изгледаат поблиски отколку што навистина се. Брајан, * кој има 22 години, вели: „Пред некое време сфатив дека, бидејќи секогаш јас прв им пишувам на пријателите, главно јас сум тој што го одржува пријателството. Затоа престанав да им пишувам за да видам колкумина од нив ќе ми пишат први. Искрено, тоа го направија само неколкумина. Очигледно, некои не ми биле толку блиски пријатели како што си мислев.“

Но, зар контактирањето преку пораки и социјални мрежи не ги зајакнува пријателствата? Да, ги зајакнува, особено ако со тие луѓе имаме и личен контакт. Меѓутоа, социјалните мрежи честопати градат мостови меѓу луѓето без да ги приближат едни кон други.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Дефинирај што е вистинско пријателство. Библијата вели дека пријателот е ‚поприврзан од брат‘ (Изреки 18:24). Дали сакаш да имаш таков пријател? Дали ти си таков пријател? За да дојдеш до одговорот на овие прашања, запиши три особини што би сакал да ги има твојот пријател. Потоа напиши три особини што ги покажуваш ти. Прашај се: ‚Кои од моите пријатели на Интернет ги покажуваат особините што јас ги ценам? Што би рекле тие — кои особини ги покажувам јас?‘ (Библиско начело: Филипјаните 2:4.)

Одреди што ти е најважно. Пријателствата преку Интернет честопати се темелат на исти интереси како, на пример, исто хоби. Меѓутоа, многу поважно е двајца пријатели да имаат исти вредности отколку да ги интересираат исти работи. „Можеби немам многу пријатели“, вели 21-годишната Лин, „но тие што ги имам ме мотивираат да бидам подобра личност.“ (Библиско начело: Изреки 13:20.)

Излези од дома и дружи се. Ништо не може да го замени разговорот лице в лице, бидејќи така и ти и оној со кого разговараш можете да ги забележите и најмалите разлики во тонот на гласот, изразот на лицето и говорот на телото. (Библиско начело: 1. Солуњаните 2:17.)

Напиши писмо. Пишувањето писмо можеби изгледа старомодно, но покажува дека на оној што му пишуваш си му посветил искрено внимание. Во денешниот брз начин на живот, луѓето многу ретко си посветуваат такво внимание. На пример, во својата книга со наслов Alone Together, Шери Таркл спомнува еден млад човек кој рекол дека во животот никој не му напишал писмо. За времето кога луѓето си пишувале писма, тој рекол: „Ми недостига тоа време, иако тогаш не сум бил ни роден“. Зошто не се послужиш со оваа ‚стара технологија‘ за да стекнеш пријатели?

Заклучок: За да бидете вистински пријатели со некого, потребно е повеќе отколку само да бидете во контакт. Треба и двајцата да покажувате љубов и сочувство, да бидете стрпливи и да си простувате. Тие особини го градат пријателството. Но, такви особини тешко можеш да покажеш преку Интернет.

^ пас. 8 Некои имиња во оваа статија се сменети.