Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЗОШТО ДА СЕ БИДЕ ЧЕСЕН?

Дали чесноста губи вредност?

Дали чесноста губи вредност?

Хитоши работел како сметководител во една агенција за вработување во Јапонија. Додека го разгледувале финансискиот извештај, неговиот претпоставен му рекол дека ќе треба да прикаже лажна состојба. Хитоши објаснил дека неговата совест не му дозволува да постапи нечесно. Претпоставениот му се заканил дека ќе го отпушти, што на крајот и се случило.

Неколку месеци откако останал без работа, Хитоши се разочарал затоа што мислел дека нема да успее да најде друга работа. На пример, на едно интервју спомнал дека не би прифатил да направи нешто што е нечесно. Тој што го интервјуирал му рекол: „Ти си многу чуден човек!“ И покрај тоа што семејството и пријателите го поддржувале во неговиот став, Хитоши почнал да се колеба. Тој вели: „Почнав да се прашувам дали е паметно да кажувам дека поради мојата вера сакам да сум чесен“.

Случајот со Хитоши нѐ потсетува на суровата реалност дека не секој ја цени чесноста. Всушност, некои дури ја сметаат чесноста за пречка, особено во светот на бизнисот. Една вработена жена од Јужна Африка вели: „Опкружена сум со нечесни луѓе, и понекогаш чувствувам огромен притисок и јас да бидам како нив“.

Еден вид нечесност што е многу раширен е лажењето. Пред неколку години, едно истражување спроведено од психологот Роберт Фелдман, при Универзитетот Масачусетс Амхерст, покажало дека 60 отсто од возрасните кажуваат најмалку една лага во текот на еден десет-минутен разговор. „Резултатот многу нѐ изненади“, вели Фелдман. „Не очекувавме дека за луѓето е толку нормално да лажат.“ Зар не е чудно тоа што на повеќето им е одвратно кога некој ќе ги излаже, а сепак самите често лажат?

Зошто лажењето, крадењето и другите нечесни постапки се толку вообичаени денес? Како се одразува нечесноста врз општеството? И, што е најважно, што да правиме за да останеме чесни?