Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали градиш на песок или на карпа?

Дали градиш на песок или на карпа?

Дали градиш на песок или на карпа?

ДАЛИ ја читаш Библијата со уживање? Дали можеби си одвојуваш време и редовно да ја проучуваш со некој Јеховин сведок? Во тој случај, несомнено чувствуваш дека знаењето што го стекнуваш ти помага подобро да разбереш зошто овој свет е преплавен со проблеми (Откровение 12:9, 12). Освен тоа, многубројни библиски стихови те тешат во овие тешки времиња и те исполнуваат со надеж за иднината (Псалм 145:14; 147:3; 2. Петрово 3:13).

Сите оние што сакаат да станат Христови ученици мора да преземат еден многу битен чекор — добро да ја запознаат Библијата. Но, дали е тоа и единствениот чекор? Не. За да останат вистински христијани — особено кога верата им е на испит — оние што ја проучуваат Библијата треба да направат уште еден многу важен чекор. Кој е тој? За да го дознаеме одговорот, накратко да ја разгледаме Проповедта на гората, говор што го одржал Исус на една планина во Галилеја (Матеј 5:1, 2).

Испитани две куќи

Знаеш ли за што се зборува во Проповедта на гората? Овој прочуен говор можеш да го најдеш во Евангелијата според Матеј и Лука (Матеј 5:1—7:29; Лука 6:20-49). Целата проповед ќе ја прочиташ за само 20 минути. Сепак, таа содржи над 20 цитати од Хебрејските списи и повеќе од 50 споредби. Посебно се издвојува една споредба за изградбата на две куќи затоа што Исус ја употребил во заклучокот на својот говор. Ако го разбереш значењето на оваа споредба, полесно ќе сфатиш како можеш да продолжиш цврсто да стоиш како ученик на Христос независно од тоа со какви испити на верата ќе се соочиш.

Исус рекол: „Секој што ги слуша овие мои зборови и ги извршува, ќе биде како разборит човек, кој си ја изградил куќата на карпа. И заврна силен дожд, и надојдоа порои, и дувнаа ветрови и удрија на таа куќа, но таа не падна, зашто темелот ѝ беше на карпа. А секој што ги слуша овие мои зборови, а не ги извршува, ќе биде како безумен човек, кој си ја изградил куќата на песок. И заврна силен дожд, и надојдоа порои, и дувнаа ветрови и удрија на таа куќа, и таа падна и сосема се распадна“ (Матеј 7:24-27).

Човек што „копаше во длабочина“

Која важна поука им ја дал Исус на своите ученици со оваа споредба за двајца луѓе што граделе куќа? За да дознаеме, треба да размислиме малку подлабоко за Исусовите зборови. Што ти паѓа во очи во врска со двете куќи? И двете биле изложени на истото силно невреме. Можеби обете куќи изгледале слично. Исто така, можеби биле и на ист плац — една покрај друга. Сепак, за едната се вели дека била изградена на песок, а другата на карпа. Како било можно тоа? Како што е запишано во Евангелието според Лука, причината била тоа што разумниот човек ‚копал во длабочина‘ за да дојде до карпа (Лука 6:48). Затоа неговата куќа останала цврсто да стои.

Што сакал да каже Исус со оваа споредба? Тој не сакал да го истакне изгледот и местоположбата на двете куќи ниту, пак, моќта на природните сили. Напротив, сакал да ја истакне постапката на градителите. Едниот човек копал во длабочина, а другиот не. Како можеш да бидеш како разумниот човек што копал во длабочина? Самиот Исус со неколку збора ја кажал суштината на оваа споредба кога рекол: „Тогаш, зошто ме викате ‚Господару! Господару!‘ а не го правите она што го зборувам? Ќе ви кажам на кого личи секој што доаѓа кај мене и ги слуша моите зборови и ги извршува: тој е како човек што... копаше во длабочина и положи темел на карпа“ (Лука 6:46-48).

Всушност, кога само ги слушаме библиските учења или ја читаме Библијата дома, тоа е исто како да градиме куќа врз песок без да копаме. Но, за да ги примениме Христовите учења, треба да вложиме труд. За тоа е потребно да копаме длабоко за да дојдеме до цврста карпа.

Значи, дали цврсто ќе стоиш како следбеник на Христос или не, ќе зависи од тоа дали ќе го применуваш она што го слушаш или не. Ако го применуваш во секојдневниот живот она што го учиш додека ја проучуваш Библијата, ти си ист како разумниот човек што копал длабоко. Затоа, секој што ја проучува Библијата треба да се запраша: ‚Дали само слушам или, пак, и го извршувам она што сум го чул? Дали само ја читам и ја проучувам Библијата, или, пак, и ги следам библиските заповеди кога донесувам одлуки?‘

Резултат од длабокото копање

Размисли за Хозе. Кога бил мал, родителите го учеле да се држи за библиските морални мерила, но самиот никогаш не ја проучувал Божјата реч. „Кога се иселив од дома“, вели Хозе, „се трудев да бидам добар, но се фатив со лошо друштво. Почнав да се дрогирам, да живеам неморално и постојано се расправав со другите.“

Со текот на времето, Хозе решил да се промени и почнал сериозно да ја проучува Библијата. Тој вели: „Вистинска мотивација за да се променам добив кога ја прочитав и ја разбрав Проповедта на гората што ја одржал Исус. Но, ми требаше време за да направам промени во личноста и во животот. Во почетокот се плашев што ќе мислат моите ‚пријатели‘ за мене, но го победив тој страв. Престанав да лажам и да пцујам и почнав да одам на состаноците на Јеховините сведоци. Сфатив дека е точно она што го ветил Исус — дека ќе бидеш вистински среќен ако водиш едноставен живот и ако ги применуваш библиските совети“ (Матеј 5:3-12).

Какви ќе бидат резултатите ако копаш длабоко за да градиш на карпа — односно, кога го применуваш она што го читаш од Божјата реч? Исус рекол: „Кога дојде поплава, поројот удри на таа куќа, но не можеше да ја разниша, бидејќи беше добро изградена“ (Лука 6:48). Се разбира, ако добро ја градиш својата вера на тој начин што ќе го применуваш она што го учиш, жестоките испити не само што нема да ти ја урнат „куќата“ туку нема ни да ја разнишаат. Колку утешно!

Ученикот Јаков, кој му бил полубрат на Исус, спомнува уште еден благослов за оние што ја проучуваат Библијата и ја извршуваат Божјата пишана реч. Јаков напишал: „Немојте само да ја слушате речта, туку и извршувајте ја... Оној што ќе се задлабочи во совршениот закон на слободата и ќе се прилепи до него, и не е заборавлив слушател, туку извршител на речта, ќе биде среќен што ја врши“ (Јаков 1:22-25).

Се разбира, оние што ги применуваат библиските совети се вистински среќни и радосни. Таквата радост, пак, им дава на Христовите следбеници сила да останат цврсти и покрај жестоките неволји што ја испитуваат нивната вера и искреноста на нивната оддаденост на Бог.

Што ќе направиш ти?

Кога ја изнел Проповедта на гората, Исус истакнал дека службата за Јехова Бог честопати нѐ става пред избор меѓу две работи. На пример, Исус рекол дека човек или има бистро или има злобно око, дека му робува или на Бог или на богатството, дека оди или по тесниот или по широкиот пат (Матеј 6:22-24; 7:13, 14). Потоа, во заклучната споредба за двајцата луѓе што граделе куќа, Исус им дал уште еден избор на своите следбеници: Правете или како разумниот или како неразумниот човек.

Ако искрено се трудиш да го применуваш она што го учиш додека ја проучуваш Библијата, ти постапуваш разумно. Да, ако длабоко копаш за да градиш на карпа, ќе добиеш благослови сега и во иднина (Изреки 10:25).

[Слики на страница 30]

За да стоиме цврсто, треба да го применуваме она што го учиме