Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мора ли да плаќаш даноци?

Мора ли да плаќаш даноци?

Мора ли да плаќаш даноци?

РЕТКО КОЈ сака да плаќа даноци. Мнозина сметаат дека тие пари се трошат за непотребни работи, дека со нив се вршат проневери или дека се користат за матни финансиски зделки. Други, пак, не сакаат да плаќаат данок од етички причини. Еве што рекле жителите на еден град на Блискиот Исток: „Нема да даваме пари за куршумите со кои се убиваат нашите деца“.

Ваквите гледишта не се ништо ново. Покојниот индиски водач Махатма Ганди објаснил зошто совеста не му дава да плаќа даноци: „Оној што финансира држава која има своја војска — сеедно дали директно или индиректно — е соучесник во гревот. Секој човек, и млад и стар, носи вина за тој грев ако ѝ плаќа даноци на државата“.

Слично на тоа, Хенри Дејвид Тореј, филозоф од 19 век, навел од кои етички причини не сакал да плаќа даноци со кои се поддржува војна. Тој прашал: „Мора ли граѓанинот макар за момент, па дури и барем малку, да ја згази својата совест за да го послуша законот? Тогаш, зошто секој човек има совест?“

Ова ги засега и христијаните, бидејќи Библијата јасно вели дека треба да задржат чиста совест во сѐ (2. Тимотеј 1:3). Од друга страна, Библијата отворено кажува и дека владите имаат право да земаат даноци. Во неа пишува: „Секој човек нека им биде подложен на властите што се над него [човечките влади], зашто нема власт која не е од Бог. Секоја власт што постои, Бог ја поставил на нејзината положба. Затоа морате да бидете подложни, не само поради Божјиот гнев туку и поради својата совест. Затоа плаќате и даноци. Всушност, властите се Божји слуги кои го извршуваат она за кое се поставени. Давајте му го секому она што му припаѓа: на оној кој бара данок — данок“ (Римјаните 13:1, 5-7).

Од таа причина, христијаните во првиот век биле познати по тоа што плаќаат даноци, иако голема сума од нив се одвојува за воени цели. Истото важи и за Јеховините сведоци денес. * Како да се објасни оваа противречност? Мора ли еден христијанин да ја згази својата совест кога ќе дојде време да плати данок?

Даноците и совеста

Одредена сума од даноците што ги плаќале првите христијани исто така одела за воени цели. Токму од таа причина, совеста им налагала на Ганди и на Тореј да не плаќаат даноци.

Забележи дека христијаните биле послушни на заповедта од Римјаните 13. поглавје не само за да не бидат казнети туку и „поради својата совест“ (Римјаните 13:5). Да, совеста на еден христијанин му налага да плаќа данок, дури и ако тие пари се користат за работи што тој лично не ги одобрува. За да ја разбереме оваа привидна противречност, мора да сфатиме една многу битна работа во врска со совеста — внатрешниот глас што ни кажува дали нашите постапки се исправни или погрешни.

Секој има таков внатрешен глас, како што рекол Тореј. Но, тој глас не ни го кажува секогаш она што е исправно. За да му угодиме на Бог, совеста мора да се раководи според неговите морални мерила. Честопати треба да го усогласиме нашето размислување или гледиште со Божјето, бидејќи неговите мисли се многу повисоки од нашите мисли (Псалм 19:7). Затоа, треба да се трудиме да разбереме како гледа Бог на човечките влади. Каков е неговиот став кон нив?

Апостол Павле ги нарекол човечките влади „Божји слуги“ (Римјаните 13:6). Што значи тоа? Во основа, тоа значи дека тие го одржуваат редот и го обезбедуваат она што им е потребно на граѓаните. Дури и најкорумпираните влади честопати одвојуваат средства за јавните услуги како што се поштата, образованието, противпожарната заштита и полицијата. Иако Бог сосема добро знае какви пропусти прават овие човечки влади, тој дозволува да постојат извесно време и бара да плаќаме даноци од почит кон него.

Меѓутоа, Бог само привремено допушта човечките влади да владеат со луѓето. Еден ден, тој ќе ги замени сите нив со своето небесно Царство и ќе ја поправи секоја штета што ја нанеле низ вековите (Даниел 2:44; Матеј 6:10). Во меѓувреме, Бог не сака христијаните да покажат граѓанска непослушност со тоа што нема да плаќаат даноци или ќе го изразуваат своето незадоволство на некој друг начин.

Но, што ако сепак сметаш дека правиш грев ако плаќаш даноци со кои се финансира војна, како што мислел и Ганди? Исто како што глетката на некој предел ќе биде подобра ако се искачиме на повисоко, така ќе ни биде полесно да го усогласиме своето размислување со Божјето ако имаме на ум од колку повисоко ги гледа работите тој. Преку пророкот Исаија, Бог рекол: „Како што се небесата повисоки од земјата, така се моите патишта повисоки од вашите патишта и моите мисли од вашите мисли“ (Исаија 55:8, 9).

Дали имаат апсолутна власт

Иако Библијата вели дека треба да се плаќаат даноци, тоа не значи дека човечките влади имаат право да бараат апсолутна послушност од луѓето. Исус рекол дека Бог им дава на тие влади само ограничена власт. Кога го прашале дали е исправно во Божји очи да им се плаќа данок на Римјаните, Исус дал многу јасен одговор: „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог!“ (Марко 12:13-17).

Властите — претставени со „цезарот“ — коваат или печатат пари и ја утврдуваат нивната вредност. Тоа значи дека во Божји очи може да бараат да им се врати нешто во вид на даноци. Сепак, Исус покажал дека „Божјето“ — нашиот живот и побожност — не може да ги добие ниедна човечка институција. Кога човечките закони или барања ќе дојдат во судир со Божјите, христијаните ‚мораат да му се покоруваат на Бог, а не на луѓето‘ (Дела 5:29).

Христијаните денес можеби не се согласуваат со начинот на кој се трошат парите од даноците. Сепак, не се обидуваат да влијаат врз она што го прават властите и не им се противат ниту одбиваат да плаќаат данок. Ако прават така, не покажуваат доверба дека Бог еден ден ќе ги реши проблемите на луѓето. Наместо тоа, тие стрпливо го чекаат времето кога Бог ќе се вмеша во работите на Земјата преку владата на неговиот Син, Исус, кој рекол: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36).

Зошто е добро да ги слушаш библиските совети

Ако ги слушаш библиските совети и плаќаш даноци, твојот живот ќе се подобри на многу полиња. Нема да бидеш казнет поради кршење на законот ниту, пак, ќе живееш во страв дека ќе те фатат (Римјаните 13:3-5). Што е уште поважно, ќе имаш чиста совест пред Бог и ќе покажеш почит кон него со тоа што ќе се држиш за законот. Иако можеби ќе претрпиш извесна загуба во споредба со оние што не ги плаќаат даноците или даваат лажни податоци, можеш да бидеш уверен во Божјето ветување дека ќе се грижи за оние што верно му служат. Библискиот писател Давид го рекол следново: „Бев млад и остарев, но никогаш не видов праведник да биде оставен, ниту неговите деца да просат за леб“ (Псалм 37:25).

И на крајот, ако ја разбереш и ако ја послушаш библиската заповед да ги плаќаш даноците, ќе имаш душевен мир. Пред Бог немаш никаква одговорност за она што го прави државата со парите од данокот, исто како што пред законот немаш никаква одговорност за тоа што прави твојот газда со киријата што ја плаќаш. Стелвио, кој живее во една земја во јужна Европа, со години се залагал за политички реформи. Но, кога ја дознал вистината од Библијата, се откажал од таквите активности. Еве што рекол тој: „Морав да се соочам со фактот дека ниеден човек не може да донесе правда, мир и единство во светот. Само Божјето Царство ќе овозможи ново и подобро општество“.

Ако лојално му го даваш Божјето на Бог, како што прави Стелвио, и ти можеш да се надеваш дека ќе го дочекаш времето кога Бог ќе воспостави праведна влада над целата Земја и ќе ја поправи секоја штета и секоја неправда што ја нанеле човечките влади.

[Фуснота]

^ пас. 6 Нешто повеќе за тоа дека Јеховините сведоци се познати како луѓе кои совесно ги плаќаат даноците можеш да прочиташ во Стражарска кула од 1 ноември 2002, страница 12, пасус 15, и 1 мај 1996, страница 16, пасус 7.

[Истакната мисла на страница 22]

Треба да го усогласиме нашето размислување со Божјето, бидејќи неговите мисли се многу повисоки од нашите мисли

[Истакната мисла на страница 23]

Ако совесно ги плаќаат даноците, христијаните ќе имаат чиста совест пред Бог и ќе покажат доверба во неговата грижа

[Слики на страница 22]

„Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог“

[Извор на слика]

Copyright British Museum