Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Учи од Божјата Реч

Што ќе се случи во Судниот ден?

Што ќе се случи во Судниот ден?

Во оваа статија се разгледани прашања за кои можеби си размислувал. Таа ќе ти покаже каде можеш да го најдеш одговорот во твојата Библија. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да разговараат со тебе за овие прашања.

1. Што е Судниот ден?

Како што е прикажано на сликата десно, многумина си замислуваат дека на Судниот ден душите на милијарди луѓе ќе застанат пред Божјиот престол за да им биде судено според нивните поранешни дела. Некои ќе бидат наградени со живот на небо, а други ќе бидат мачени во пекол. Меѓутоа, Библијата покажува дека целта на Судниот ден е луѓето да бидат спасени од неправдите (Псалм 96:13). Бог го поставил Исус за Судија кој ќе им донесе правда на сите луѓе. (Прочитај Исаија 11:1-5; Дела 17:31.)

2. Како Судниот ден ќе донесе правда?

Кога првиот човек, Адам, намерно се побунил против Бог, сите свои потомци ги подложил на грев, страдања и смрт (Римјаните 5:12). За да ја исправи таа неправда, Исус ќе врати во живот, односно ќе воскресне милијарди луѓе што умреле. Библиската книга Откровение ни покажува дека тоа ќе се случува за време на илјадагодишното владеење на Исус Христос. (Прочитај Откровение 20:4, 11, 12.)

На воскреснатите нема да им се суди според она што го правеле пред да умрат туку на темел на тоа што ќе го прават кога ќе се отворат ‚свитоците‘ спомнати во Откровение 20. поглавје (Римјаните 6:7). Меѓу оние што ќе бидат воскреснати и ќе имаат можност да го запознаат Бог ќе бидат „и праведните и неправедните“, рекол апостол Павле. (Прочитај Дела 24:15.)

3. Што ќе постигне Судниот ден?

Оние што умреле без да го запознаат и да му служат на Јехова Бог, ќе имаат можност да се променат и да постапуваат исправно. Ако прават така, нивното воскресение ќе биде „воскресение за живот“. Меѓутоа, некои од воскреснатите нема да сакаат да учат за Јехова. Нивното воскресение ќе биде „воскресение за осуда“. (Прочитај Јован 5:28, 29; Исаија 26:10; 65:20.)

До крајот на Судниот ден, кој ќе трае илјада години, Јехова ќе се погрижи луѓето што му се послушни да станат совршени, какви што биле кога ги создал (1. Коринќаните 15:24-28). Колку убава иднина е тоа за сите послушни луѓе! Во последниот испит Бог ќе го пушти Сатана Ѓаволот, кој претходно ќе биде затворен во бездна илјада години. Сатана повторно ќе се обиде да ги одврати луѓето од Јехова, но оние што нема да се поведат по него ќе живеат вечно на Земјата. (Прочитај Исаија 25:8; Откровение 20:7-9.)

4. Кој друг ден на суд ќе биде за доброто на човештвото?

Библијата го користи изразот „денот на судот“ за да се осврне на еден настан кој ќе му стави крај на сегашниов поредок. Овој ден на суд ќе дојде неочекувано како Потопот од времето на Ное, во кој биле уништени сите злобни луѓе. Колку убаво што претстојното уништување на „безбожниците“ ќе го расчисти патот за едно ново општество на Земјата, на која „ќе живее праведноста“. (Прочитај 2. Петрово 3:6, 7, 13.)