Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Библијата менува животи

Библијата менува животи
  • РОДЕН: 1981

  • ЗЕМЈА: САД

  • НЕКОГАШ: БУНТОВНО ДЕТЕ

МОЕТО МИНАТО

Роден сум во Маундсвил, мирно гратче покрај реката Охајо во северниот дел на Западна Вирџинија (САД). Бев второ од четирите деца, од кои три беа машки. Затоа, во нашиот дом никогаш не беше здодевно. Моите родители беа трудољубиви, чесни луѓе што ги сакаа другите. Никогаш немавме многу пари, но секогаш го имавме она што ни беше потребно. Како Јеховини сведоци, татко ми и мајка ми даваа сѐ од себе за да ги всадат библиските начела во нашиот живот уште додека бевме деца.

Меѓутоа, кога станав тинејџер, моето срце почна да застранува од патот за кој ме поучуваа родителите. Почнав да се сомневам дека животот воден од библиските начела може да има смисла или да биде убав. Мислев дека можеш да бидеш вистински среќен само ако имаш апсолутна слобода. По кратко време престанав да одам на христијанските состаноци. Брат ми и сестра ми се поведоа по мојот лош пример. Нашите родители направија сѐ што можеа за да ни помогнат, но без никаков успех.

Воопшто не помислував дека слободата по која копнеев ќе ме направи роб на многу зависности. Еден ден, додека се враќав дома од училиште, еден другар ми понуди цигара. Ја зедов, и оттогаш почнав да им робувам на уште многу други пороци. Со текот на времето почнав да користам дрога, да пијам и да живеам неморално. Следните неколку години пробував сѐ потешки дроги и станав зависник од многу од нив. Тонејќи сѐ подлабоко во таквиот начин на живот, почнав да продавам дрога за да дојдам до пари за моите пороци.

Колку и да се обидував да ја замолчам мојата совест, таа често ме потсетуваше дека она што го правам во животот е погрешно. Сепак, сметав дека штетата е направена и дека нема враќање назад. Иако на забавите и концертите секогаш бев во друштво на многу луѓе, често се чувствував осамен и депримиран. Понекогаш помислував на моите чесни, добри родители и се прашував како можев толку да застранам.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

Иако јас кренав раце од себе, другите не го сторија тоа. Во 2000 год., моите родители ме поканија на еден областен конгрес на Јеховините сведоци. Со двоумење отидов. На мое големо изненадување, на конгресот дојдоа и брат ми и сестра ми, кои тргнаа по лош пат како мене.

Се сетив дека отприлика една година претходно бев на истото место на еден рок-концерт. Разликата што ја видов разбуди во мене длабоки емоции. На концертот, целиот објект беше полн со отпадоци и со чад од цигари. Повеќето присутни беа нељубезни и груби, а преку музиката се пренесуваше депресивна порака. Но, на конгресот бев меѓу вистински среќни луѓе, кои срдечно ме поздравуваа иако не сме се виделе со години. Објектот беше чист, а на програмата се изнесуваше порака на надеж. Кога видов колку позитивно влијание има библиската вистина, се запрашав зошто воопшто ја отфрлив! (Исаија 48:17, 18).

„Библијата ми даде сила да престанам да користам и да продавам дрога и да станам корисен член на општеството“

Веднаш по конгресот решив да се вратам во христијанското собрание. И брат ми и сестра ми, трогнати од она што го видоа на конгресот, решија да се вратат. Секој од нас почна да ја проучува Библијата.

Еден библиски стих што особено ме допре беше Јаков 4:8, каде што пишува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“. Сфатив дека, ако сакам да се зближам со Бог, ќе мора да почнам да водам морално чист живот. Освен тоа, требаше да ги оставам цигарите, дрогата и алкохолот (2. Коринќаните 7:1).

Ги прекинав контактите со старото друштво и стекнав нови пријатели меѓу Јеховините сведоци. Особено многу ми помогна христијанскиот старешина што ја проучуваше Библијата со мене. Често ми се јавуваше и наминуваше да види како сум. До ден-денес, тој ми е еден од најблиските пријатели.

Пролетта 2001 год., му го заветував својот живот на Јехова и се крстив. Истото го направија и брат ми и сестра ми. Можете да си замислите колку беа радосни моите родители и мојот помлад брат кога конечно повторно заедно како семејство му служевме на Јехова.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

Порано си мислев дека библиските начела премногу нѐ ограничуваат, но сега сметам дека се огромна заштита. Библијата ми даде сила да престанам да користам и да продавам дрога и да станам корисен член на општеството.

Имам чест да бидам дел од едно меѓународно братство кое му служи на Јехова. Овие луѓе вистински се сакаат еден со друг и обединето му служат на Бог (Јован 13:34, 35). Меѓу нив ја запознав и мојата сопруга Адријана, која многу ја сакам и ја сметам за голем благослов. Многу сме радосни што заедно му служиме на нашиот Творец.

Наместо себично да живеам само за себе, доброволно одвојувам голем дел од времето за да ги поучувам и другите за Божјата Реч. Ова дело ми причинува поголема радост од сѐ друго. Со цврста увереност можам да кажам дека Библијата го промени мојот живот. Конечно најдов вистинска слобода.