Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да ги дисциплинираш твоите деца?

Како да ги дисциплинираш твоите деца?

„Нестрпливо го слушав секој автомобил што ќе поминеше. Џордан веќе третпат не се врати дома до времето што му беше одредено. ‚Каде ли е?‘, се прашував. ‚Да не му се случило нешто? Зар не сфаќа колку сме загрижени?‘ Ако задоцнеше уште малку, мислам дека ќе експлодирав“ (ЏОРЏ).

„Целата се стресов кога ќерка ми гласно вресна. Се свртев и видов дека се држи за главата и плаче. Ја удрил нејзиниот четиригодишен брат“ (НИКОЛ).

„,Не го украдов прстенот туку го најдов!‘, тврдеше нашата шестгодишна ќерка Натали, додека молежливо нѐ гледаше со своите големи сини очи. Тоа што упорно одрекуваше дека го украла толку нѐ здоболе до срце, што заплакавме. Знаевме дека лаже“ (СТЕФАН).

АКО си родител, дали си ги доживеал истите чувства? Кога ќе се најдеш во слична ситуација, дали се прашуваш како — па дури и дали — треба да го дисциплинираш твоето дете? Погрешно ли е да се дисциплинираат децата?

ШТО Е ТОА ДИСЦИПЛИНИРАЊЕ?

Во библиска смисла, да дисциплинираш некого не значи само да го казниш. Тоа првенствено значи да го поучиш, да го опоменеш и да го укориш. Дисциплинирањето никогаш не е поврзано со насилство или суровост (Изреки 4:1, 2).

Дисциплинирањето од страна на родителите може да се спореди со градинарство. Градинарот ја подготвува почвата, го наводнува и наѓубрува растението и го заштитува од штетници и коров. Додека тоа расте, градинарот можеби ќе треба да го поткастри за да му помогне да расте во исправна насока. Тој знае дека мора внимателно да се применат различни мерки за да може растението да биде здраво. И родителите се грижат за своите деца на многу начини. Но, понекогаш мора и да ги дисциплинираат. Слично на она што се постигнува со поткаструвањето, со дисциплинирањето може навреме да се отстранат некои погрешни ставови и да им се помогне на децата да растат во исправна насока. Поткаструвањето мора да се прави многу внимателно за растението да не биде трајно оштетено. И родителите мора да ги дисциплинираат своите деца внимателно и со љубов.

Јехова, Богот за кој читаме во Библијата, во овој поглед дал прекрасен пример за родителите. Кога ги дисциплинира своите слуги на Земјата, тој го прави тоа толку ефикасно и на толку убав начин што тие дури и ги сакаат неговите опомени (Изреки 12:1). Тие ‚ги прифаќаат опомените‘ и ‚не ги пуштаат‘ (Изреки 4:13). И ти можеш да му помогнеш на твоето дете да го прифати дисциплинирањето со тоа што ќе постапуваш како Јехова. Тој дисциплинира: 1) со љубов, 2) разумно и 3) доследно.

ДИСЦИПЛИНИРАЊЕ СО ЉУБОВ

Мотивот и темелот на дисциплината што ја дава Бог е љубовта. Во Библијата пишува: „Кого  Јехова го сака, него и го укорува, како што таткото го укорува синот, кого го сака“ (Изреки 3:12). Освен тоа, Јехова е „милосрден и љубезен, бавен на гнев“ (2. Мојсеева 34:6). Затоа Јехова никогаш не е насилен или суров. Исто така, тој не употребува груби зборови и постојани критики или навреди, бидејќи тие можат ‚да прободат како меч‘ (Изреки 12:18).

СЛУШАЈ

Точно, родителите не можат совршено да се самосовладуваат, како што може Бог. Понекогаш твојата стрпливост како родител ќе биде испитана до крајни граници, но во таквите тешки ситуации секогаш имај на ум дека казната дадена во момент на гнев обично е престрога и не ја постигнува целта. Освен тоа, казната што е резултат на гнев или фрустрација воопшто не спаѓа во дисциплинирање. Таа е само показател за недостиг на самоконтрола.

Од друга страна, кога ги дисциплинираш твоите деца со љубов и самосовладување, веројатно ќе постигнеш подобри резултати. Да видиме како течеле работите понатаму кај Џорџ и Никол, двајца од родителите спомнати во почетокот на статијата.

МОЛИ СЕ

„Кога Џордан конечно се врати дома, јас и мајка му вриевме во себе, но успеавме да останеме смирени додека го слушавме неговото објаснување. Бидејќи беше многу доцна, решивме да го продолжиме разговорот следното утро. Се помоливме сите заедно и си легнавме. Следниот ден можевме многу посмирено да разговараме за она што се случи и да допреме до срцето на нашиот син. Тој спремно ги прифати ограничувањата што му ги поставивме и призна дека згрешил. Сфаќаме дека ништо не постигнуваме кога реагираме избрзано во стресни моменти. Но, кога најпрво внимателно ќе слушневме што има да каже Џордан, работите обично завршуваа добро“ (Џорџ).

РАЗГОВАРАЈ

„Бев запрепастена кога видов колку бесчувствително син ми ја удри својата сестричка. Сепак, наместо веднаш да реагирам, му реков да оди во својата соба. Бев премногу лута за да донесам разумна одлука. Подоцна, кога се смирив, строго му реков дека не смее никогаш да се тепа и му објаснив зошто она што ѝ го направи на сестра му беше многу лошо. Овој пристап се покажа успешен — тој ѝ се извини и ја гушна“ (Никол).

Дури и да вклучува казна, дисциплинирањето треба секогаш да биде мотивирано од љубов.

РАЗУМНО ДИСЦИПЛИНИРАЊЕ

Кога дисциплинира некого, Јехова секогаш го прави тоа „колку што е потребно“ (Еремија 30:11; 46:28). Тој ги зема предвид сите фактори,  вклучувајќи ги и оние што не се очигледни. Како можат и родителите да го прават тоа? Стефан, кој исто така го спомнавме во почетокот на статијата, вели: „Иако бевме многу разочарани и никако не можевме да разбереме зошто Натали толку упорно лаже за прстенот, пробавме да ги земеме во обѕир нејзината возраст и степен на зрелост“.

И Роберт, сопругот на Никол, секогаш се обидува да ги земе предвид сите фактори. Кога некое од децата ќе направи некаква беља, тој се прашува: ‚Дали ова му се случува првпат или, пак, често му се повторува? Дали можеби детето е уморно или не му е добро? Дали оваа постапка покажува дека се работи за некој друг проблем?‘

Исто така, разумните родители имаат на ум дека нивните деца не се возрасни. Оваа вистина ја спомнал и апостол Павле. Тој напишал: „Кога бев дете, зборував како дете, размислував како дете“ (1. Коринќаните 13:11). Роберт вели: „Една работа што ми помага да гледам пошироко на работите и да не реагирам претерано е тоа што се потсетувам каков бев јас кога бев дете“.

Многу е важно да имаш реални очекувања, а во исто време да не ги оправдуваш и да не преминуваш преку погрешните постапки или ставови. Ако ги земаш во обѕир способностите и ограничувањата на твоето дете, како и другите фактори, начинот на кој го дисциплинираш ќе биде разумен и со мера.

ДОСЛЕДНО ДИСЦИПЛИНИРАЊЕ

„Јас сум Јехова, јас не се менувам“, пишува во Малахија 3:6. Божјите слуги можат да се потпрат на овие зборови, и тоа им влева сигурност. И на децата им е потребно да бидат дисциплинирани доследно за да се чувствуваат сигурно. Ако ги менуваш мерилата во зависност од твоето расположение, детето може да стане збунето и фрустрирано.

Исус рекол: „Кога ќе речете: ‚Да‘, тоа нека значи ‚да‘, а кога ќе речете: ‚Не‘, тоа нека значи ‚не‘“. Овој совет важи и за родителите (Матеј 5:37). Внимателно размисли пред да поставиш некое ограничување што немаш намера да го спроведеш. Ако си го опоменал детето дека ќе го казниш за непослушноста, стој си на зборот.

За да може дисциплинирањето да биде доследно, неопходно е да има добра комуникација меѓу двајцата родители. Роберт вели: „Ако децата ме убедат да им дозволам нешто, а подоцна дознаам дека претходно мајка им не им го дозволила тоа, ја менувам одлуката за да ја поддржам жена ми“. Ако родителите имаат различно мислење во врска со тоа како да се постапи во одредена ситуација, најдобро е да разговараат за тоа кога се сами, а потоа да дојдат до една заедничка одлука.

ДИСЦИПЛИНИРАЊЕТО Е НЕОПХОДНО

Ако се угледаш на Јехова, кој дисциплинира со љубов, разумно и доследно, можеш да бидеш уверен дека твојот труд ќе се исплати. Тоа што грижливо ќе ги насочуваш твоите деца може да им помогне да станат зрели, одговорни и урамнотежени личности. Како што вели Библијата: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди, па нема да скршне од него ни кога ќе остари“ (Изреки 22:6).