Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ ПОСТОИ ЖИВОТ ПО СМРТТА?

Има ли надеж за мртвите?

Има ли надеж за мртвите?

Дали е можно оние што починале повторно да живеат?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29).

Со овие зборови Исус прорекол дека во иднина, под власта на неговото Царство, мртвите ќе бидат вратени во живот. Фернандо, кој беше спомнат во претходната статија, вели: „Кога првпат го прочитав Јован 5:28, 29, бев вчудовиден. Тие стихови ми влеаја вистинска надеж и ми помогнаа да гледам позитивно на иднината“.

Верниот човек Јов верувал дека, откако ќе умре, Бог ќе го врати во живот. Јов го поставил следново прашање: „Кога ќе умре човек, ќе живее ли пак?“ Потоа, со цврста увереност самиот го дал одговорот: „Ќе чекам во сите дни од времето што ми е одредено [времето минато во гробот], додека не дојде моето ослободување. Ќе повикаш, и јас ќе ти се одѕвијам“ (Јов 14:14, 15).

Воскресението на Лазар ни дава надеж за иднината

Надежта во воскресение не била нешто ново ни за Марта, сестрата на Лазар. Откако Лазар умрел, Исус ѝ рекол: „Твојот брат ќе стане“. Марта му одговорила: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“. Потоа, Исус ѝ кажал: „Јас сум воскресението и животот. Кој верува во мене, и да умре, ќе оживее“ (Јован 11:23-25). Тогаш Исус го воскреснал Лазар. Овој библиски извештај ни покажува дека нѐ очекува величествена иднина. Замисли си го времето кога милијарди лица кои се починати ќе воскреснат тука, на Земјата!

Дали некои луѓе ќе воскреснат на небото?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: Божјата Реч покажува дека воскресението на Исус се разликува од другите осум воскресенија што се спомнати во Библијата. Овие осум лица воскреснале на Земјата. Но, во врска со воскресението на Исус, во Библијата пишува: „Исус Христос... е од десната страна на Бог бидејќи отиде на небото“ (1. Петрово 3:21, 22). Дали Исус е единствениот што воскреснал на небото? Кога бил на Земјата, тој им кажал на своите апостоли: „Кога ќе појдам и ќе ви приготвам место, повторно ќе дојдам и ќе ве примам во својот дом, за да бидете и вие таму каде што сум јас“ (Јован 14:3).

Исус отишол на небото и се подготвил за доаѓањето на некои од неговите ученици. Бројот на оние што ќе воскреснат на небото изнесува 144.000 (Откровение 14:1, 3). Но, што ќе прават тие на небото?

Ќе имаат многу работа. Во Библијата стои: „Среќен е и свет секој што има удел во првото воскресение. Над нив втората смрт нема власт, туку ќе бидат свештеници на Бог и на Христос, и ќе царуваат со Христос илјада години“ (Откровение 20:6). Оние што ќе воскреснат на небото ќе владеат заедно со Исус како цареви и свештеници над целата Земја.

Кој ќе воскресне на Земјата?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: Во Библијата се запишани следниве зборови на апостол Павле: „Имам надеж, која ја имаат и тие, дека Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15).

Божјата Реч нѐ уверува дека милијарди лица што починале ќе воскреснат

Кој спаѓа во „праведните“ што ги спомнал Павле? Да разгледаме еден пример. На верниот пророк Даниел, кој бил пред крајот на својот живот, му било речено: „Ќе почиваш, но на крајот од деновите ќе станеш за да го добиеш своето наследство“ (Даниел 12:13). Каде ќе се разбуди Даниел од смртниот сон? Во Библијата пишува: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29). Исто така, Исус кажал: „Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5). Според тоа, Даниел и други верни мажи и жени ќе воскреснат на Земјата и ќе имаат можност да живеат вечно.

Кои се „неправедните“ што ги спомнал Павле? Тоа се милијардите луѓе кои живееле на Земјата и починале без да имаат можност да ја разберат вистината од Божјата Реч и да живеат во склад со неа. Откако ќе воскреснат, ќе имаат прилика да ги запознаат Јехова * и Исус Христос и да покажат ценење за она што тие го направиле за нас (Јован 17:3). Сите што ќе изберат да му служат на Бог ќе можат да живеат исто толку долго колку што ќе живее и самиот тој — засекогаш.

Сите што ќе изберат да му служат на Бог ќе имаат можност да живеат засекогаш, да имаат совршено здравје и да бидат среќни

Во какви услови ќе живеат луѓето на Земјата?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:4). „Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род“ (Исаија 65:21).

Замисли си колку ќе биде убаво да живееш во такви прекрасни услови заедно со твоите блиски кои ќе бидат воскреснати! Но, се наметнува едно прашање: Зошто можеш да бидеш сигурен дека навистина ќе има воскресение?

^ пас. 15 Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.