Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Добротворство — решение за проблемите?

Добротворство — решение за проблемите?

Добротворство — решение за проблемите?

ИАКО актуелни теми на вестите се главно природните катастрофи, сиромаштијата, гладот, болестите и еколошките кризи, некои работи се движат и во позитивна насока. Пример за тоа е великодушноста на поединци. Понекогаш може да се чуе како некои богати луѓе донирале стотици милиони, па дури и милијарди долари за добротворни цели. Познатите личности сѐ почесто ја користат славата за го свртат вниманието на јавноста кон некои сериозни проблеми. Многумина, дури и оние што не се толку финансиски моќни, донираат средства за најразлична намена. Но, дали материјалната помош е долгорочно решение за проблемите што го мачат човештвото?

Златна ера на дарежливоста?

Во некои земји, сѐ повеќе луѓе се спремни да донираат финансиски средства. „На почетокот од 21 век, има многу повеќе [добротворни] фондации со многу повеќе средства во многу повеќе земји од кога и да било порано“, стои во книгата Глобално граѓанско општество 2004/05 (Global Civil Society 2004/5). Бидејќи сѐ повеќе луѓе се збогатуваат, се очекува работите да продолжат да се движат во оваа насока. Поради тоа, некои ќе имаат да дадат повеќе средства. Исто така, се очекува во добротворните установи да се слеваат уште поголеми суми пари зашто честопати богатите со своите тестаменти ги именуваат овие установи за свои наследници. Британскиот весник The Economist со добра причина изрази увереност дека ова најавува „златна ера на добродетелството“.

За ваквата појава придонесува пропустот на владите да ги решат итните проблеми во светот. Според еден специјален пратеник на ОН за ХИВ/СИДА во Африка, една причина зошто сѐ повеќе славни личности се вклучени во глобални кампањи за борба против одредени болести е „апсолутниот недостиг на политичко водство“. Сеедно дали се работи за сиромаштијата, здравствената заштита, природната средина, образованието или за општествената правда, особено богатите стануваат „сѐ понестрпливи бидејќи ниту државните органи ниту меѓународните политички организации не успеваат да ги решат или барем да ги ублажат овие проблеми“, вели Џоел Флајшман во својата книга Фондациите: голема американска тајна — Како приватното богатство го менува светот (на англиски). Со желба за брзи позитивни промени, некои богати добротвори се обидуваат да ги применат методите што им успеале во деловниот свет.

Моќта на добротворството

Донирањето беше во мода и во почетокот на 20 век. Некои финансиски гиганти, како Ендру Карнеги и Џон Д. Рокфелер Постариот, го трошеа своето богатство за сиромашните. Овие донатори увиделе дека традиционалните хуманитарни организации ги хранеле гладните и се грижеле за болните деца, но не ги решавале причините за ваквите проблеми. Бидејќи сакале да применат порационални методи, основале институти и фондации за да ги забрзаат општествените реформи и да ги финансираат истражувањата, чија цел е да се отстранат причините за проблемите. Оттогаш се оформени десетици илјади такви организации низ целиот свет. Над 50 од нив располагаат со по една милијарда долари и повеќе.

Рака на срце, постигнати се големи резултати. Доказ за тоа се многуте училишта, библиотеки, болници, паркови и музеи. Освен тоа, програмите за развој на земјоделството го зголемија производството на храна во сиромашните земји. Финансирањето на медицинските истражувања доведе до напредок на полето на здравството, а во некои случаи и до искоренување на одредени болести, како што е жолтата треска.

Бидејќи никогаш порано на глобалните проблеми не им се обрнувало внимание толку брзо и не биле издвојувани толку многу средства за да се решат, на многумина им се чини дека напорите конечно ќе вродат плод. Во 2006 год., пред група добротвори, еден поранешен претседател на САД изјави: „Донациите од поединци и од приватни организации многу ќе придонесат за општата благосостојба“.

Но, многу луѓе немаат толку розова слика за иднината. Лори Гарет, експерт од областа на глобалната здравствена заштита, напишала: „Човек би помислил дека тоа што има толку многу средства на располагање е доказ дека наскоро многу здравствени проблеми од светски размери можеби ќе се решат. Но, не е така“. Зошто? Таа ја посочува скапата бирократија, корупцијата, неусогласените напори и тоа што сѐ повеќе донатори сакаат нивните средства да се употребат за да се реши само еден здравствен проблем, како на пример сидата.

Бидејќи напорите не се усогласени, а парите се „наменети исклучиво за една позната болест наместо за општите потреби на здравството“, Гарет смета дека, „вака како што тргнало, сегашнава ера на добродетелство не само што нема да ги оствари очекувањата туку и ќе ја влоши ситуацијата“.

Зошто не се доволни само парите?

Добротворството секогаш ќе има само ограничен успех, сеедно која е неговата главна цел. Зошто? Една причина е тоа што ниту парите ниту доброто световно образование не можат да ги отстранат алчноста, омразата, предрасудите, национализмот, племенската нетрпеливост, погрешните религиозни верувања итн. Но, овие проблеми не се главната причина за страдањето на луѓето. Како што покажува Библијата, постојат многу поважни фактори.

Еден е несовршеноста на луѓето, која произлегува од гревот (Римјаните 3:23; 5:12). Како несовршени, склони сме да размислуваме и да постапуваме погрешно. „Човечкото срце е склоно кон зло од неговата младост“, стои во 1. Мојсеева 8:21. Бидејќи подлегнуваат на оваа грешна склоност, милиони луѓе вршат сексуален неморал и се дрогираат, а тоа води до ширење на разни болести, како што е сидата (Римјаните 1:26, 27).

Друг фактор зошто луѓето страдаат е тоа што не можеме успешно да владееме самите со себеси. „Човекот... не може да управува со своите чекори“, стои во Еремија 10:23. „Апсолутниот недостиг на политичко водство“, спомнат претходно, е една причина зошто многу добротворни организации донираат средства без да бараат помош од владата. Библијата објаснува дека луѓето не биле создадени да управуваат еден со друг, туку со нив требало да владее нивниот Творец (Исаија 33:22).

Освен тоа, Библијата ветува дека Творецот, Јехова Бог, ќе ги реши сите проблеми што ги тиштат луѓето и дека веќе презел крупни чекори за да го стори тоа.

Најголемиот добротвор

Поединците што донираат пари го прават тоа од љубов кон луѓето. Но, никој не ги сака луѓето повеќе од нашиот Творец. Во Јован 3:16 пишува: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“. Значи, Јехова дал нешто многу повредно од пари за да ги ослободи луѓето од ропството на гревот и смртта. Тој го дал својот драг Син „како откупнина за мнозина“ (Матеј 20:28). Во врска со Исус, апостол Петар напишал: „Тој во своето тело ги понесе нашите гревови на столбот, за да ги оставиме гревовите и да живееме за праведноста. ‚Преку неговите рани сте излекувани‘“ (1. Петрово 2:24).

Јехова презел чекори за да го реши и проблемот со политичкото водство. За таа цел, основал Царство на небото кое ќе владее над целиот свет. Ова небесно Царство ќе ги отстрани сите злобни луѓе и ќе воспостави мир и слога на Земјата (Псалм 37:10, 11; Даниел 2:44; 7:13, 14).

Бог ќе ги отстрани главните причини за страдањата — нешто што никогаш нема да го постигнат луѓето, ниту како поединци ниту како група. Затоа, Јеховините сведоци не формираат добротворни организации, туку го следат примерот на Исус така што своето време и финансиски средства ги трошат за да ја објавуваат ‚добрата вест за [Божјето] царство‘ (Матеј 24:14; Лука 4:43).

[Рамка/слика на страница 21]

„Бог го сака веселиот дарител“

Јеховините сведоци се водат според ова библиско начело од 2. Коринќаните 9:7. Секогаш кога своето време, сила и материјални средства ги трошат за другите, тие се трудат да живеат во склад со советот: „Дечиња, да не се сакаме ниту со зборови ниту со јазик, туку со дела и со вистина!“ (1. Јованово 3:18).

Кога ќе се случи нешто, на пример, некоја природна катастрофа, Јеховините сведоци ја користат можноста да им помогнат на настраданите. На пример, откако ураганите Катрина, Рита и Вилма го погодија југот на САД, илјадници Сведоци дојдоа до опустошените места за да донесат хуманитарна помош и да ги поправат разурнатите домови. Под надзор на тамошните одбори за помош, доброволците поправија и реновираа повеќе од 5.600 домови на Јеховини сведоци и 90 Сали на Царството — речиси сите што беа оштетени.

Јеховините сведоци не даваат десеток и не гледаат на некој начин да изнудат пари од луѓето. Нивното дело се поддржува исклучиво со доброволни прилози (Матеј 6:3, 4; 2. Коринќаните 8:12).

[Слики на страница 19]

Парите не можат да ги отстранат главните причини за болестите и за страдањето

[Извор на слика]

© Chris de Bode/Panos Pictures