Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Биди решен да го зачуваш бракот

Биди решен да го зачуваш бракот

ПРЕДИЗВИК

Денот кога стапи во брак, ти даде завет. Со тоа свечено вети дека до крајот на својот живот ќе бидеш крај брачниот другар и дека заедно ќе ги решавате сите проблеми што ќе се појават во вашиот брак.

Но, можеби проблемите со кои се соочувавте низ годините го поткопаа вашиот однос. Дали сѐ уште си толку решен да го зачуваш својот брак како што беше на почетокот?

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Брачниот завет е како котва која му дава стабилност на бракот

Ако и двајцата сопружници се решени да го одржат брачниот завет, полесно ќе ги надминат проблемите. Многу луѓе денес гледаат со потценување на брачниот завет. Некои велат дека, кога еден човек ќе стапи во брак, како да се врзува со синџири од кои не може да се ослободи. Наместо да размислуваш на ваков начин, гледај на брачниот завет како на котва која му дава стабилност на бракот. Една жена по име Меган, вели: „Кога јас и маж ми имаме недоразбирање, многу ми помага тоа што сум уверена дека и двајцата ќе се држиме за брачниот завет и дека ниту еден од нас нема да си замине“. * Тоа што знаеш дека ниту ти ниту твојот брачен другар не размислувате за развод, дури и кога минувате низ бурен период, може да ви помогне да ги решите проблемите. (Види ја рамката „ Оддаденост и верност“.)

Заклучок: Ако имаш проблеми во бракот, сега е време да го зајакнеш, а не да бараш излез од него. Како можеш да го направиш тоа?

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Преиспитај го својот став. „Бракот е трајна врска.“ Дали кога ќе ги чуеш овие зборови се чувствуваш како да си фатен во стапица, или чувствуваш сигурност? Дали секогаш кога ќе се појават проблеми помислуваш дека разводот е можно решение за нив? За да го одржиш брачниот завет, многу е важно да гледаш на бракот како на врска која треба да трае до крајот на животот. (Библиско начело: Матеј 19:6.)

Не мора да ги повториш грешките на твоите родители. Примерот на твоите родители може да влијае врз твоето гледиште за брачниот завет. Леа вели: „Моите се разведоа кога бев дете. Мислам дека поради нивното искуство почнав да не го гледам бракот како трајна врска“. Биди сигурен дека ти можеш да постапуваш на поинаков начин. Не мора да ги направиш истите грешки како твоите родители. (Библиско начело: Галатите 6:4, 5.)

Внимавај на своите зборови. Кога ќе дојде до вжештена расправија меѓу тебе и твојот сопружник, не кажувај зборови за кои подоцна ќе зажалиш, како на пример „Ќе те оставам!“ или „Ќе си најдам некој што повеќе ќе ме цени!“ Ваквите изјави ја поткопуваат брачната врска и не водат до решавање на проблемот, туку до поголеми расправии во кои само ќе се навредувате. Наместо да користиш зборови што повредуваат, можеш да го кажеш следново: „Очигледно и двајцата сме вознемирени. Како можеме да најдеме заедничко решение за овој проблем?“ (Библиско начело: Изреки 12:18.)

Јасно покажи дека си решен да му останеш верен на својот брачен другар. Чувај слика од твојот сопружник на работното место. Зборувај со другите позитивно за твојот брак. Постави си за цел секој ден да му се јавуваш на твојот брачен другар кога си отсутен подолг период. Честопати користи го зборчето „ние“ и фразите „јас и жена ми“ или „јас и маж ми“. Тоа ќе те потсетува дека си му дал завет на твојот брачен другар и ќе им покаже на другите дека си решен да му останеш верен.

Учи од добрите примери. Набљудувај ги искусните брачни двојки кои успеале да ги надминат проблемите. Прашај ги како гледаат на брачниот завет и како тоа им помогнало во бракот. Во Библијата пишува: „Железо со железо се остри. Така човекот го остри лицето на друг човек“ (Изреки 27:17). Според ова, зар не би било мудро да ги примениш советите на оние што имаат среќен брак?

^ пас. 7 Библијата дозволува брачните партнери да се разведат кога некој од нив ќе изврши прељуба. Види ја статијата „Што вели Библијата — прељуба“, која излезе во ова списание.