Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Таа цврсто се држела за своите верувања

Таа цврсто се држела за своите верувања

Кога Сонг Хи имала 11 години, мајка ѝ забележала дека грбот ѝ е искривен. На Сонг Хи ѝ била дијагностицирана сколиоза, странично искривување на ’рбетот во форма на буквата „С“ или „Ѕ“. Состојбата толку ѝ се влошила што било потребно да се изврши хируршка интервенција. Но, Сонг Хи не сакала да прими трансфузија на крв. „Разбудете се!“ разговараше со неа за нејзиното искуство.

Дали лекарите можеа да ти помогнат кога ти беше поставена дијагнозата?

Иако двајца лекари ја следеа мојата состојба околу три години, ’рбетот ми стануваше сѐ поискривен. Всушност, толку многу ми се искриви што притискаше на срцето и белите дробови и ми го отежнуваше дишењето. Беше неизбежно да се направи операција.

Дали се согласи да одиш на операција?

Да. Но, ми кажаа дека операцијата нема да биде едноставна. Дотогаш ’рбетот ми беше искривен дури за 116 степени. Мојот случај беше сложен од уште една причина. Поради моите верувања кои се темелат на Библијата, сакав операцијата да се изведе без трансфузија на крв. *

Дали имаше хирург кој беше спремен да ти изврши таква операција?

Јас и мајка ми разговаравме со еден специјалист во државата во која живееме, Флорида (САД). Сепак, кога му кажав дека нема да прифатам трансфузија на крв, ми рече дека ниту еден хирург нема да се нафати на таков сложен зафат под тие услови. Освен тоа, ми рече дека, ако не се оперирам, можеби нема да дочекам да наполнам ни 20 години. Тогаш имав само 14 години.

Дали му објасни зошто не сакаш да примиш трансфузија на крв?

Да. Му кажав дека моите верувања се темелат на Библијата и дека во Божји очи крвта е света, сеедно дали е од човек или животно. * Доколку еден Израелец јадел крв, му следувала смртна казна. * Исто така, му ги прочитав зборовите од Дела 15:19, 20 кои им се упатени на христијаните. Меѓу другото, таму стои: ‚Воздржувајте се од крв‘. Тоа значи дека не треба да се внесува крв во телото на каков и да било начин — ниту да се јаде ниту да се прими како трансфузија.

Каква беше реакцијата на хирургот?

Тој сѐ уште сметаше дека ќе мора да ми даде трансфузија. Освен тоа, од болницата ми рекоа дека, ако прифатам трансфузија, нема да морам да платам за операцијата.

Тоа сигурно беше примамлива понуда. Што се случи потоа?

Иако изгледаше дека нема хирург кој ќе се согласи да изврши бескрвна операција, бев решена да се држам за моите верувања. Но, наскоро се соочив со нов предизвик. Бидејќи бев малолетна, а мојата здравствена состојба стануваше критична, мојот случај беше изнесен на суд. Сепак, судот во Флорида ни даде 30 дена за да најдеме хирург кој ќе ги почитува моите верувања.

Дали успеавте да најдете хирург?

Да. Одборот за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци стапи во контакт со еден специјалист од Њујорк кој беше отворен за соработка и кој се согласи да ме оперира. Успеавме да го запазиме рокот што ни го одреди судот. *

Како помина операцијата?

Операцијата беше многу успешна. За да ми го зајакне ’рбетот, д-р Роберт М. Бернштајн ми вгради подвижни шипки во грбот. Тој ја изведе операцијата на два пати во период од две седмици.

Зошто мораше операцијата да се изведе на два пати?

Доколку се случеше првиот пат да изгубам голема количина крв, за тие две седмици телото ќе можеше повторно да создаде доволно црвени крвни зрнца. Но, благодарение на доброто планирање, вештините и внимателното работење на тимот што ме оперираше, и првиот и вториот пат изгубив многу малку крв. Освен тоа, брзо закрепнав и ги немав компликациите кои се вообичаени кај оние што примаат трансфузија на крв. *

Дали хирургот беше задоволен од резултатот?

Лекарите треба да ги земат предвид верувањата на пациентот

Беше презадоволен! Тој рече: „Медицинската грижа не вклучува само да се изведуваат операции“. Хирургот смета дека лекарите треба да ги земат предвид и верувањата и моралните вредности на пациентот. Освен Сведоците, и многу други луѓе го поддржуваат неговото гледиште.

^ пас. 7 Мајката на Сонг Хи е Јеховин сведок. Сонг Хи стана Јеховин сведок во 2012 год., на 16 години.

^ пас. 17 Одборот за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци стапува во контакт со лекари кои се спремни да ја пружат најдобрата здравствена грижа без трансфузија на крв.

^ пас. 21 Во една статија за ризиците што ги носи трансфузијата на крв, Комисијата за клиничко усовршување од Нов Јужен Велс (Австралија) изјавила: „Трансфузијата на крв е трансплантација на живо ткиво. Како и при секој друг вид трансплантација, постои можност човечкиот организам да го отфрли туѓото тело. Ова може да го доведе животот во сериозна опасност“.