Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Како гледаш на парите?

Како гледаш на парите?

МОЖЕБИ ти е позната изреката: „Парите го вртат светот“. Донекаде оваа изрека е вистинита. На крајот на краиштата, ти требаат пари за да купиш храна, облека, дом или за да ги платиш сметките. Еден уредник на економската рубрика во еден весник напишал: „Парите имаат многу важна улога во општеството. Кога тие би престанале да важат како средство за размена, за еден месец во светот би завладеал хаос и би избувнала војна“.

Се разбира дека со пари не можеш да купиш сѐ. Норвешкиот поет Арне Гарборг рекол дека со пари „можеш да купиш храна, но не и апетит; лекови, но не и здравје; удобен кревет, но не и сон; знаење, но не и мудрост; раскош, но не и убавина; забава, но не и радост; познајници, но не и пријатели; слуги, но не и верност“.

Ако еден човек стекне урамнотежено гледиште кон парите, односно ако гледа на нив како на средство со кое ќе ги постигне своите цели, а не како на главна цел, ќе биде посреќен. Библијата нѐ предупредува дека ‚љубовта кон парите е корен на секакви зла и дека, поради неа, некои си нанеле многу маки‘ (1. Тимотеј 6:10).

Забележи дека љубовта кон парите е таа што може да ни нанесе штета, а не самите пари. Ако некој има преголема желба за пари, може да си го наруши односот со пријателите и со членовите на семејството. Да разгледаме некои примери.

Даниел: * „Отсекогаш мислев дека мојот пријател Томас е добар и чесен човек. Никогаш се немавме скарано. Но, кога му ја продадов колата, си го нарушивме односот. Јас немав поим дека со колата нешто не е во ред. Во договорот што го склучивме тој се согласи да ја купи колата без можност да ја врати доколку подоцна се појави проблем. По три месеци колата се расипа. Томас беше гневен бидејќи се почувствува изигран и бараше да му ги вратам парите. Бев запрепастен! Кога се обидов да разговарам со него, почна да се кара и стана агресивен. За првпат видов дека, кога се во прашање пари, Томас е сосема поинаков човек.“

Клара: „Сара ми е единствената сестра. Бидејќи секогаш добро се сложувавме, не ни помислував дека ќе се скараме поради пари. Но, токму тоа се случи. Кога умреа нашите родители, ни оставија наследство и ни кажаа парите да си ги поделиме еднакво. Ама таа ја погази желбата на татко ми и мајка ми и сакаше да земе повеќе. Бидејќи јас сакав да ја почитувам желбата на нашите родители, таа збесна и почна да ми се заканува. Сѐ уште ми е многу лута.“

ПАРИТЕ И ПРЕДРАСУДИТЕ

Оној што има погрешно гледиште кон парите може да има предрасуди. На пример, еден богат човек може да мисли дека оние што се сиромашни се мрзливи и дека затоа не можат да си ја подобрат финансиската состојба. Од друга страна, еден сиромашен човек може да мисли дека оние што се подобро ситуирани се материјалисти или алчни. Лиен, тинејџерка која потекнува од релативно богато семејство, била жртва на предрасуди. Таа вели:

Библиските совети во врска со парите се исто толку корисни денес како и во времето кога биле запишани

„Сите знаеја дека татко ми заработува многу пари. Затоа често ми велеа: ‚Лесно ти е тебе — што и да посакаш, тато е тука‘ или ‚Е па не сме сите богаташи и не можеме сите да возиме убави коли како вас.‘ Ги замолив оние со кои се дружам да престанат да зборуваат така и им објаснив зошто тие зборови ме повредуваат. Јас сакам другите да ме познаваат по тоа што правам добри работи за нив, а не по тоа што имам пари.“

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Библијата не е против парите ниту, пак, ги осудува оние што се богати. Не е важно колку пари има некој, туку каков став има кон материјалните работи. Библијата содржи урамнотежени совети за парите кои се исто толку корисни денес како и во времето кога биле запишани. Да разгледаме некои од нив.

БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Не труди се да стекнеш богатство“ (Изреки 23:4).

Во една книга пишува дека луѓето кои се спремни да жртвуваат сѐ за да стекнат богатство „имаат послабо ментално здравје; кај нив се забележува и послабо физичко здравје, на пример, имаат главоболки, болки во грлото и во грбот и се посклони да се опиваат и да се дрогираат. Очигледно, стремежот за повеќе пари ги прави луѓето несреќни“ (The Narcissism Epidemic).

БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате“ (Евреите 13:5).

Дури и оној што е задоволен со тоа што го има може одвреме-навреме да биде загрижен поради својата финансиска состојба. Сепак, тој знае што е најважно во животот и затоа не дозволува да биде совладан од грижи. На пример, таквиот човек останува сталожен дури и кога ќе претрпи финансиска загуба. Тој се труди да има сличен став како апостол Павле, кој напишал: „Знам што значи да си во немаштија, а знам и како е да имаш изобилство. Научив како да бидам задоволен во сѐ, во секакви околности — и кога е човек сит и кога е гладен, и кога има изобилство и кога е во немаштија“ (Филипјаните 4:12).

БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Кој се надева на своето богатство, пропаѓа“ (Изреки 11:28).

Истражувачите ги наведуваат финансиските проблеми како главна причина за проблемите во бракот кои водат до развод. Финансиските проблеми се причина и за многу самоубиства. Ова ни покажува дека на некои луѓе парите им се поважни од бракот, па дури и од сопствениот живот! Од друга страна, оние што имаат урамнотежено гледиште за парите не ја полагаат својата доверба во нив. Тие сфаќаат колку се мудри зборовите на Исус, кој рекол: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15).

КАКО ТИ ГЛЕДАШ НА ПАРИТЕ?

За да видиш дали имаш урамнотежено гледиште за парите, би можел да си ги поставиш следниве прашања:

  • Дали ми се примамливи понудите за брзо збогатување?

  • Дали ми е тешко да бидам дарежлив?

  • Дали најчесто се спријателувам со луѓе кои постојано зборуваат за пари и за она што го поседуваат?

  • Дали се служам со лаги и измама за да дојдам до пари?

  • Дали парите ми создаваат чувство дека сум некој и нешто?

  • Дали постојано размислувам за пари?

  • Дали мојот став кон парите влијае негативно врз моето здравје и врз моето семејство?

    Биди дарежлив

Ако одговориш потврдно на кое и да било од овие прашања, дај сѐ од себе да ги отфрлиш материјалистичките желби и не дозволувај нешто да те втурне во замката на материјализмот. Немој да се дружиш со лица на кои целиот живот им се врти околу парите. Наместо тоа, дружи се со луѓе за кои моралните принципи се поважни од материјалните работи.

Никогаш немој да допуштиш љубовта кон парите да фати корен во твоето срце. Не дозволувај парите да ти станат поважни од твоите пријатели, твоето семејство и твоето физичко и емоционално здравје. На тој начин ќе покажеш дека имаш урамнотежено гледиште за парите.

^ пас. 7 Имињата во оваа статија се сменети.