Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Целите се како скица за градежен проект — ако вложиш труд, можеш да ги оствариш

ЗА МЛАДИ

12. Цели

12. Цели

ШТО ЗНАЧИ ТОА

Целите се повеќе отколку само сон — нешто што посакуваш да се случи. Тие вклучуваат планирање, флексибилност, и се разбира, многу труд.

Целите можат да бидат краткорочни (потребни се денови или седмици за да ги оствариш), среднорочни (месеци) и долгорочни (година или повеќе). Долгорочните цели можат да се остварат со помош на неколку помали цели.

ЗОШТО Е ВАЖНО

Тоа што ќе оствариш некои цели може да ти ја зголеми самодовербата, да ти ги зајакне пријателствата и да те направи посреќен.

Самодоверба: Кога ќе си поставиш помали цели и ќе ги оствариш, ќе бидеш поуверен дека ќе можеш да оствариш и поголеми цели. Исто така, ќе имаш поголема самодоверба кога се соочуваш со секојдневните притисоци, на пример, од страна на врсниците.

Пријателства: Луѓето сакаат да бидат во друштво на оние што си поставуваат разумни цели — оние што знаат што сакаат и кои се спремни да работат на таа цел. Освен тоа, еден од најдобрите начини да станеш поблизок со некого е да работите на заедничка цел.

Среќа: Кога ќе си поставиш цел и ќе ја оствариш, се чувствуваш исполнето затоа што знаеш дека си постигнал нешто.

„Сакам да си поставувам цели. Така не ми е досадно и постојано имам на што да работам. И, кога ќе остварам некоја цел, со задоволство погледнувам наназад и си велам: ’Леле, успеав! Го постигнав тоа што сакав‘“ (Кристофер).

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Кој внимава на ветрот, никогаш не сее, и кој гледа на облаците, никогаш не жнее (Проповедник 11:4).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Преземи ги следниве чекори за да си поставиш цели и за да ги оствариш.

Постави си цели. Направи си список со цели и подреди ги по важност.

Направи си план. За секоја од целите, направи го следново:

  • Одреди си реалистичен краен рок.

  • Испланирај кои чекори треба да ги направиш.

  • Размисли на кои пречки би можел да наидеш и како би можел да ги надминеш.

Дејствувај. Не дозволувај тоа што не си го испланирал секој детаљ да те спречи да почнеш. Прашај се: „Што треба прво да направам за да почнам да ја остварувам мојата цел?“ Потоа направи го тоа. Следи го својот напредок така што ќе го обележиш секој чекор штом ќе го завршиш.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист (Изреки 21:5, фуснота).