Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Кој може да ми биде пример?

Кој може да ми биде пример?

 „Кога на школо ќе наидев на проблем, ми помагаше тоа што помислував на некој кој го сметав за добар пример и кој поминал низ нешто слично. Потоа се трудев да постапам како него. Бидејќи имав на кого да се угледам, ми беше полесно да ги надминам тешките ситуации“ (Хејли).

 Оној што го сметаш за пример може да ти помогне да избегнеш некои проблеми и да ги постигнеш твоите цели. Клучот е да избереш добар пример од кој ќе учиш.

 Зошто да внимаваш со изборот

  •   Твојот избор ќе влијае на твоето однесување.

     Библијата ги советува христијаните да ги забележуваат оние што се добар пример. Таа вели: „Набљудувајќи го исходот од нивниот начин на живот, угледајте се на нивната вера“ (Евреите 13:7).

     Предлог: Бидејќи оние што си ги избрал за пример може да ти влијаат или позитивно или негативно, внимавај тие да бидат личности со добри особини, а не само да бидат популарни или на твоја возраст.

     „Научив многу од еден сохристијанин кој се вика Адам — и од неговиот став и воопшто од неговото однесување. Интересно ми е што сѐ уште памтам конкретни работи што ги кажа и направи. Ни самиот не знае колку позитивно влијаеше врз мене“ (Колин).

  •   Твојот избор ќе влијае на твоето размислување и на твоите чувства.

     Во Библијата пишува: „Не залажувајте се! Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33).

     Предлог: Избери некој што има добри особини, а не само некој што добро изгледа. Инаку, многу лесно би можел да се разочараш.

     „Ако постојано се споредуваш со некои од славните личности, ќе имаш чувство дека си безвреден и грд. Би можел да станеш опседнат со својот изглед“ (Тамара).

     Размисли: Кои се можните опасности ако за пример избереш некоја славна личност или некој спортист?

  •   Твојот избор може или да ти помогне или да ти отежне да си ги постигнеш зацртаните цели.

     Во Библијата пишува: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар“ (Изреки 13:20).

     Предлог: Избери некој што ги покажува добрите особини што сакаш да ги имаш и ти. Додека го набљудуваш, можеш да научиш кои конкретни чекори треба да ги направиш за да ја постигнеш твојата цел.

     „Наместо да си поставиш некоја неодредена цел, како: ’Сакам да бидам поодговорна‘, може да си речеш: ’Сакам да бидам поодговорна како Џејн. Секогаш стигнува на време и сериозно си ги извршува задачите‘ “ (Миријам).

     Заклучок: Ако избереш некој што е добар пример, можеш да влијаеш врз тоа каква личност ќе станеш.

Ако учиш од некој што е добар пример, полесно и побрзо ќе ги постигнеш целите што си ги зацртал!

 Како да избереш

 Добар пример би можел да избереш на два начина.

  1.   Избери особина на која сакаш да работиш, а потоа размисли која личност што ја цениш ја има таа особина.

  2.   Избери некоја личност што ја цениш, а потоа избери особина која тој или таа ја има, а сакаш да ја имаш и ти.

 Работниот лист кој е поврзан со оваа статија може да ти помогне во тоа.

 Добар пример би можеле да ти бидат:

  •  Млади. „Сакам да бидам како мојата најдобра другарка. Секогаш наоѓа време за да им помогне на другите. Помлада е од мене, ама има некои убави особини кои јас ги немам, и тоа ме поттикнува да го следам нејзиниот пример“ (Миријам).

  •  Возрасни. Тоа би можеле да бидат твоите родители или некои соверници. „И татко ми и мајка ми ми се убав пример. Имаат прекрасни особини. Точно е дека имаат и маани, ама сепак му остануваат верни на Бог. Кога ќе бидам на нивни години, се надевам дека истото ќе може да се каже и за мене“ (Анета).

  •  Библиски личности. „Си избрав различни примери од Библијата — Тимотеј, Рут, Јов, Петар и малата Израелка — со цел од секој да научам нешто ново. Колку повеќе дознавам за библиските личности толку пореални ми стануваат. Уживав додека ја проучував книгата Угледајте се на нивната вера, а многу ми помогна и делот ’Да учиме од...‘ кој го има и во двата тома од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори“ (Мелинда).

 Предлог: Не се ограничувај само на една личност. Апостол Павле им рекол на соверниците: „Набљудувајте ги оние што живеат по примерот што ви го дадовме“ (Филипјаните 3:17).

 Дали си знаел? И ти можеш да им бидеш добар пример на другите! Библијата вели: „Биди им пример на верните во говорот, во постапките, во љубовта, во верата, во чистотата“ (1. Тимотеј 4:12).

 „Можеш да им помагаш на другите да станат подобри личности дури и додека работиш на своите особини. Не знаеш кој те набљудува, а уште помалку како твоите зборови можат да влијаат врз нечиј живот“ (Киана).