Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ БИБЛИЈАТА НАВИСТИНА Е ОД БОГ?

Библијата — дали навистина е книга од Бог?

Библијата — дали навистина е книга од Бог?

ДАЛИ според тебе Библијата е книга од Бог? Или сметаш дека таа е книга со човечки размислувања?

Во врска со ова, дури и оние што се изјаснуваат како христијани имаат поделени мислења. На пример, една анкета спроведена во САД во 2014 год. покажала дека повеќето од оние што се изјаснуваат како христијани веруваат дека „на некој начин Библијата е поврзана со Бог“. Од друга страна, отприлика секој петти од анкетираните сметал дека Библијата е книга со „бајки, легенди, историски настани и прописи од луѓе“. Поради ваквите различни мислења, се поставува прашањето дали Библијата навистина е вдахновена од Бог (2. Тимотеј 3:16).

„ВДАХНОВЕНА“ — ШТО ЗНАЧИ ТОА?

Библијата се состои од 66 помали книги, кои биле напишани од 40-ина писатели во период од околу 1.600 години. Но, ако Библијата ја пишувале луѓе, како може да биде вдахновена од Бог? Изразот „вдахновена од Бог“ значи дека информациите што се наоѓаат во неа потекнуваат од Бог. Библијата тоа го објаснува на следниов начин: „Луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“ (2. Петрово 1:21). Со други зборови, Бог ја употребил својата невидлива сила, светиот дух, за да им ги пренесе своите мисли на писателите на Библијата. Тоа може да се спореди со еден директор кој му кажува на својот секретар што да напише. На крајот, иако пораката ја запишал секретарот, таа е од директорот бидејќи тој му кажал што да напише.

Бог им ја пренесувал својата порака на библиските писатели на различни начини. Некои ја слушнале од ангел. Други добиле виденија од Бог. А на трети, Бог им ја пренел пораката преку сон. Понекогаш Бог им дозволувал на писателите да се изразат со свои зборови, а понекогаш од збор до збор им кажувал што да напишат. И во едниот и во другиот случај, луѓето ги запишале Божјите мисли, а не своите.

Зошто може да бидеме сигурни дека Бог бил тој што ги водел писателите на Библијата? Да разгледаме некои докази што потврдуваат дека Библијата навистина е книга од Бог.