Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Ангели

Ангели

Ангелите се дел од многу филмови, и литературни и уметнички дела. Што се тоа ангели и каква улога имаат?

Што се тоа ангели?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

 

Пред да ги создаде материјалниот свет и првите луѓе, Бог создал интелигентни суштества како повисок облик на живот. Тие се помоќни од луѓето и живеат во истото духовно подрачје каде што живее самиот Бог, подрачје во кое луѓето немаат пристап ниту можат да го видат (Јов 38:4, 7). Во Библијата, овие суштества се наречени „духови“ и „ангели“ (Псалм 104:4). *

Колку ангели постојат? Нивниот број е огромен. На пример, Библијата вели дека околу Божјиот престол има „миријади миријади и илјадници илјади“ ангели (Откровение 5:11). Доколку овој израз се сфати буквално, тогаш има стотици милиони ангели!

„И погледнав... многу ангели, кои беа околу престолот. Бројот им беше миријади миријади и илјадници илјади“ (Откровение 5:11)

Какви задачи имале ангелите во минатото?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

 

Ангелите честопати служеле како Божји гласници. * Меѓу другото, за нив во Библијата пишува дека правеле чуда. На пример, Бог испратил ангел да го благослови Авраам и да го спречи да го жртвува својот син Исак (1. Мојсеева 22:11-18). А на Мојсеј му се појавил ангел во една грмушка што горела и му пренел порака која му го сменила животот (2. Мојсеева 3:1, 2). Кога пророкот Даниел бил фрлен во лавовска јама, Бог испратил ангел да им ја затвори устата на лавовите (Даниел 6:22).

„Тогаш Јеховин ангел му се појави [на Мојсеј] во огнот што пламтеше од една грмушка“ (2. Мојсеева 3:2)

Што прават ангелите сега?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

 

Не можеме да знаеме какви сѐ задачи извршуваат ангелите денес. Сепак, од Библијата гледаме дека тие им помагаат на луѓето што имаат добро срце да дознаат повеќе за Бог (Дела 8:26-35; 10:1-22; Откровение 14:6, 7).

На Јаков, кој живеел во минатото, Јехова во сон му покажал една „скала“ меѓу небото и Земјата по која се качувале и слегувале ангели (1. Мојсеева 28:10-12). Веројатно Јаков дошол до истиот заклучок до кој можеме да дојдеме и ние — дека Јехова Бог ги испраќа ангелите да извршуваат разни задачи на Земјата, на пример, да им помагаат на верните луѓе на кои им треба помош (1. Мојсеева 24:40; 2. Мојсеева 14:19; Псалм 34:7).

„На земјата стоеше скала, чиј врв допираше до небото, и Божји ангели се качуваа и слегуваа по неа“ (1. Мојсеева 28:12)

^ пас. 6 Библијата открива дека некои од духовните суштества се побуниле против Бог; нив ги нарекува „демони“ (Лука 10:17-20).

^ пас. 11 Всушност, и изворниот хебрејски и изворниот грчки збор за ангел што се користат во Библијата значат „гласник“.