Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Второ прашање: Што ќе се случи со мене откако ќе умрам?

Второ прашање: Што ќе се случи со мене откако ќе умрам?

РОМАН бил дете кога неговото другарче загинало во сообраќајна несреќа. „Смртта на другар ми длабоко ме потресе“, вели тој. „Со години по сообраќајката, се прашував што се случува со нас откако ќе умреме.“

Зошто да си го поставиме ова прашање?

Смртта на човекот не е природна работа. Без разлика на возраста, обично никој не сака да умре. Мнозина се плашат од она што следува по смртта.

Каков одговор даваат некои?

Голем број луѓе веруваат дека некој дел од човекот ќе продолжи да живее по смртта. Тие веруваат дека добрите луѓе ќе добијат награда на небото, а лошите ќе добијат вечна казна за своите гревови. Други, пак, мислат дека по смртта човек ќе престане да постои и дека со текот на времето потполно ќе биде заборавен.

Што би значеле овие одговори?

Првиот одговор подразбира дека при смртта човекот не умира вистински. Вториот одговор би значел дека животот нема никаква смисла. Оние што размислуваат така, можеби го прифаќаат фаталистичкиот став: „Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“ (1. Коринќаните 15:32).

Што вели Библијата?

Библијата не вели дека при смртта некој дел од човекот продолжува да живее. Под водство на Бог, цар Соломон напишал: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5). Оние што „не се свесни за ништо“ воопшто не знаат што се случува околу нив. Тие не можат да чувствуваат ниту да прават нешто. Според тоа, мртвите не можат ниту да им помогнат ниту да им наштетат на живите.

Спротивно на она што го веруваат мнозина, Бог немал намера луѓето да умираат. Тој го создал првиот човек, Адам, со можност да живее вечно на Земјата. Бог ја спомнал смртта само кога му рекол на Адам дека таа е казна за непослушноста. Му забранил да јаде од плодот на одредено дрво, а потоа го предупредил дека, ако јаде од него, ‚сигурно ќе умре‘ (1. Мојсеева 2:17). Ако Адам и Ева останеле послушни, и тие и сите нивни потомци што ќе му биле верни на Бог, ќе живееле вечно на Земјата.

Адам решил да не му обрне внимание на Божјето предупредување. Направил грев со тоа што не му бил послушен на Бог и затоа умрел (Римјаните 6:23). Ниеден дел од Адам не продолжил да живее по неговата смрт. Наместо тоа, кога умрел, тој престанал да постои. Бог му рекол: „Во потта на своето лице ќе го јадеш својот леб додека не се вратиш во земјата, бидејќи од неа си земен. Зашто си прав, и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19). Бидејќи сите луѓе потекнуваат од Адам, од него сме наследиле грев и смрт (Римјаните 5:12).

И покрај тоа што Адам донел лоша одлука, Бог ќе ја исполни својата намера Земјата да биде населена со потомците на Адам (1. Мојсеева 1:28; Исаија 55:11). Наскоро, Јехова ќе ги врати во живот повеќето од оние што умреле. Кога зборувал за тоа време, апостол Павле рекол: „Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15).

Роман, кого веќе го спомнавме, ја проучувал Библијата и дознал што вели таа за смртта и за Јехова Бог. Она што го научил извршило силно влијание врз неговиот живот. Прочитај нешто повеќе за него на 11. страница од ова списание.