Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРИБЛИЖИ МУ СЕ НА БОГ

Дали Јехова те сака?

Дали Јехова те сака?

„Мислам дека чувствата на безвредност се најголемата пречка што се обидувам да ја совладам.“ Ова го кажала една жена на која ѝ било тешко да поверува дека Јехова би можел да ја сака. Дали и ти понекогаш се чувствуваш така? Ако да, можеби се прашуваш: ‚Дали Јехова навистина го сака секој свој слуга поединечно?‘ Одговорот на ова прашање е да! Доказ за ова можеме да најдеме во зборовите што ги кажал Исус. (Прочитај Јован 6:44.)

Исус го познавал Јехова подобро од кој и да е друг (Лука 10:22). Тој рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати“. Значи, никој не може да стане ученик на Христос и слуга на нашиот небесен Татко ако самиот тој не го привлече (2. Солуњаните 2:13). Да видиме како овие зборови на Исус ни даваат јасен доказ дека Бог го сака секого од нас.

Што значи тоа дека Јехова нѐ привлекол? Грчкиот глагол преведен со „привлече“ се користи и за да се опише влечење на рибарска мрежа полна со риби (Јован 21:6, 11). Дали тоа значи дека Јехова нѐ привлекол против нашата волја и нѐ тера со сила да му служиме? Не. Јехова ни дал слободна волја и не нѐ присилува да му служиме (5. Мојсеева 30:19, 20). Еден изучувач рекол: „Човечкото срце нема квака за да се отвори однадвор. Тоа може да се отвори само однатре“. Јехова ги гледа срцата на сите луѓе во светот за да најде поединци што сакаат да му се приближат (1. Летописи 28:9). Кога ќе најде таков човек, Јехова нежно му помага. Како?

Јехова го привлекува кон себе срцето на оној што има исправен став (Дела 13:48). Тоа го прави на два начина — преку добрата вест од Библијата, која му се пренесува на секој човек, и преку светиот дух. Кога Јехова ќе види срце што е допрено од библиската порака, со светиот дух му помага на тоа лице да ја прифати вистината и да живее според неа (1. Коринќаните 2:11, 12). Без помошта од Бог, никогаш не би успеале да го следиме примерот на Исус и верно да му служиме на Јехова.

„Човечкото срце нема квака за да се отвори однадвор. Тоа може да се отвори само однатре“

Тогаш, што можеме да научиме за Јехова Бог од зборовите на Исус запишани во Јован 6:44? Учиме дека Јехова го привлекол секој од нас затоа што видел нешто добро во нашето срце и нѐ сака како поединци. Жената што ја спомнавме во почетокот го сфатила ова и нашла голема утеха. Таа вели: „Да му служиме на Јехова е најголемата чест што можеме да ја имаме. Штом Јехова ме избрал да му служам, сигурно сум скапоцена во негови очи“. Зар тоа што Јехова го сака секој свој слуга не те поттикнува да станеш поблизок со него?

Читање на Библијата во мај

Лука 22-24 Јован 1-16