Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА: ДАЛИ БОГ Е СУРОВ?

Зошто некои мислат дека Бог е суров?

Зошто некои мислат дека Бог е суров?

МОЖЕБИ те изненадува прашањето „Дали Бог е суров?“ Сепак, многу луѓе навистина мислат дека Бог е суров. Зошто?

Некои од оние што преживеале природна катастрофа се прашуваат: ‚Зошто Бог дозволува да се случуваат вакви работи? Дали воопшто не се интересира за нас? Или, пак, е суров?‘

Други си го поставиле тоа прашање додека ја читале Библијата. Откако прочитале некои извештаи од неа, како што е извештајот за Ное и Потопот, тие помислиле: ‚Како може Бог да ги сака луѓето, а да уништи толку народ? Зар тоа не е сурово?‘

Дали и тебе некогаш ти доаѓаат вакви прашања? Или можеби остануваш без одговор кога некој друг ќе праша дали Бог е суров? Како и да е, од помош ќе ни биде одговорот на едно друго прашање.

ЗОШТО НЕ ЈА САКАМЕ СУРОВОСТА?

Едноставно кажано, не ја сакаме суровоста затоа што имаме вродено чувство за исправно и погрешно. Во тој поглед многу се разликуваме од животните. Бог нѐ создал „според својот лик“ (1. Мојсеева 1:27). Што значи тоа? Тоа значи дека нѐ создал на таков начин што можеме да ги одразуваме неговите особини и морални мерила, како и неговото чувство за исправно и погрешно. Размисли за следново: ако Бог е оној што нѐ создал со чувство за исправно и погрешно и ако ние не ја сакаме суровоста, зар тоа не значи дека и тој не ја сака?

Библијата потврдува дека е така. Во неа, Бог нѐ уверува: ‚Моите патишта се повисоки од вашите патишта и моите мисли од вашите мисли‘ (Исаија 55:9). Ако речеме дека Бог е суров, зар не би испаднало дека го тврдиме токму спротивното, односно дека нашите мисли се повисоки од неговите? Сигурно би било мудро да дознаеме повеќе факти пред да заземеме таков став. Наместо да се прашаме дали Бог е суров, треба да се прашаме зошто некои негови постапки можеби изгледаат сурови. За да дојдеме до точниот одговор, да видиме што навистина значи да се биде суров.

Кога за некого ќе речеме дека е суров, му ги судиме мотивите. Оној што е суров сака другите да страдаат или е рамнодушен на нивната неволја. Според тоа, еден татко што го казнува синот затоа што сака да го повреди е суров. Но, еден татко што го казнува својот син за да го поучи или заштити е добар татко. Мотивите лесно може да бидат погрешно просудени, како што можеби си осетил и на своја кожа.

Да разгледаме зошто некои мислат дека Бог е суров. Првата причина се природните катастрофи што се случуваат денес, а втората причина се Божјите казни за кои читаме во Библијата. Дали фактите навистина покажуваат дека Бог е суров?