Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Зошто Јосиф се избричил пред да отиде кај фараонот?

Древен египетски цртеж на ѕид на кој е прикажан бербер

Според извештајот од 1. Мојсеева, фараонот побарал еврејскиот затвореник Јосиф веднаш да биде донесен кај него за да му ги протолкува соништата што го вознемирувале. Дотогаш Јосиф бил в затвор повеќе години. И покрај тоа што требало веднаш да замине кај фараонот, Јосиф најпрво се избричил (1. Мојсеева 39:20-23; 41:1, 14). Тоа што писателот на оваа библиска книга го спомнал овој навидум неважен детаљ покажува дека добро ги познавал египетските обичаи.

Мажите од многу древни народи, меѓу кои биле и Евреите, пуштале долги бради. За разлика од нив, во една енциклопедија пишува дека „древните Египќани биле единствените на Ориентот што не носеле брада“ (McClintock and Strong’s Cyclopedia of Biblical Theological and Ecclesiastical Literature).

Дали Египќаните си ја бричеле само брадата? Во едно списание пишува дека, според некои египетски церемонијални обичаи, оној што сакал да оди кај фараонот морал да се подготви исто како што би се подготвил за да влезе во храм (Biblical Archaeology Review). Според тоа, Јосиф требало да се избричи од глава до пети.

Во извештајот од книгата Дела, за таткото на Тимотеј се вели дека бил Грк. Дали тоа покажува дека потекнувал од Грција?

Не мора да значи. Во извештаите што ги запишал под водство на светиот дух, Павле понекогаш правел контраст меѓу Евреите и Грците, односно Елините. Со терминот Грци мислел на сите народи кои не биле Евреи (Римјаните 1:16; 10:12). Без сомнение, една од причините за ова била широката распространетост на грчкиот јазик и грчката култура во местата каде што проповедал Павле.

Кого древните народи го сметале за Грк? Во четвртиот век пр. н.е, атинскиот оратор Исократ со гордост зборувал за ширењето на грчката култура низ целиот свет. Тој рекол: „Грци се нарекуваат оние што имаат чест да го стекнат нашето образование, а не само оние што потекнуваат од Грција“. Според ова, можно е Павле да ги нарекувал Грци таткото на Тимотеј и некои други луѓе поради тоа што ја прифатиле грчката култура, а не поради тоа што потекнувале од Грција (Дела 16:1).