Префрли се на текстот

Што е воскресение?

Што е воскресение?

Што вели Библијата:

 Грчкиот збор ана̀стасис кој во Библијата е преведен со зборот „воскресение“ дословно значи „подигнување“ или „повторно станување“. Оние што ќе воскреснат ќе бидат вратени во живот како исти личности, со сите карактеристики што ги имале претходно (1. Коринќаните 15:12, 13).

 Иако зборот „воскресение“ не се појавува во Хебрејските списи, кои честопати се нарекуваат Стар завет, овој дел на Библијата го поткрепува верувањето во воскресение. На пример, преку пророкот Осија, Бог ветил: „Од раката на гробот јас ќе ги откупам, од смрт ќе ги избавам“ (Осија 13:14; Јов 14:13-15; Исаија 26:19; Даниел 12:2, 13).

 Каде ќе воскреснат луѓето? Некои луѓе воскреснуваат на небото каде што владеат со Исус како цареви (2. Коринќаните 5:1; Откровение 5:9, 10). Ова воскресение во Библијата е наречено „првото воскресение“ и „пораното воскресение“, а тоа покажува дека ќе има и друго воскресение (Откровение 20:6; Филипјаните 3:11). Второто воскресение ќе биде на Земјата. Поголемиот дел од мртвите ќе воскреснат токму тука на Земјината топка (Псалм 37:29).

 Во какво тело ќе бидат воскреснати мртвите? Бог му дал моќ на Исус да ги воскреснува мртвите (Јован 11:25). Исус ќе ги врати во живот „сите оние што се во гробовите“. Секој човек ќе воскресне како иста личност, со карактеристиките и сеќавањата што ги имал пред смртта (Јован 5:28, 29). Оние што воскреснуваат на небото добиваат духовно тело, а оние што ќе воскреснат на Земјата ќе добијат потполно здраво физичко тело (Исаија 33:24; 35:5, 6; 1. Коринќаните 15:42-44, 50).

 Кој ќе воскресне? Библијата вели дека ,ќе има воскресение и на праведните и на неправедните‘ (Дела 24:15). Кои се праведните? Во нив спаѓаат верните луѓе, како што биле Ное, Сара и Авраам (1. Мојсеева 6:9; Евреите 11:11; Јаков 2:21). А кои се неправедните? Во неправедните спаѓаат оние кои во животот немале прилика да го запознаат Бог и да се држат за неговите мерила.

 Но, оние кои се злобни и не сакаат да се променат нема да воскреснат. Кога некој таков ќе умре, нема никаква надеж да живее повторно (Матеј 23:33; Евреите 10:26, 27).

 Кога ќе воскреснат мртвите? Библијата прорекла дека воскресението на небото ќе се одвива во текот на Христовата присутност, која започнала во 1914 година (1. Коринќаните 15:21-23). Луѓето кои се надеваат на вечен живот на Земјата ќе воскреснат за време на илјадагодишното владеење на Исус Христос, кога нашата планета ќе биде претворена во рај (Лука 23:43; Откровение 20:6, 12, 13).

 Зошто е разумно да се верува во воскресение? Во Библијата се запишани детални извештаи за девет луѓе кои воскреснале пред очевидци (1. Царевите 17:17-24; 2. Царевите 4:32-37; 13:20, 21; Лука 7:11-17; 8:40-56; Јован 11:38-44; Дела 9:36-42; 20:7-12; 1. Коринќаните 15:3-6). Особено интересно е воскресението на Исусовиот пријател Лазар. Исус го воскреснал овој човек пред очите на многу луѓе, и тоа четири дена откако бил во гробот (Јован 11:39, 42). Дури и оние што му се противеле на Исус не можеле да го оспорат фактот дека Лазар воскреснал. Затоа сковале заговор да ги убијат и Исус и Лазар (Јован 11:47, 53; 12:9-11).

 Библијата покажува дека Бог има и моќ и желба да ги воскресне мртвите. Семоќниот ги чува во своето сеќавање деталите за секоја личност што има намера да ја воскресне (Јов 37:23; Матеј 10:30; Лука 20:37, 38). Бог навистина едвај чека да ги врати мртвите во живот. Тоа го покажуваат и следниве зборови: „Ќе копнееш по делото на своите раце“ (Јов 14:15).

Заблуди во врска со воскресението

 Заблуда: Воскресението претставува соединување на душата и телото.

 Вистина: Во Библијата пишува дека душата ја претставува целокупната личност, односно целиот човек од крв и месо, а не само еден дел од него кој останува да живее по смртта (1. Мојсеева 2:7; Езекиел 18:4). Според тоа, воскресението не е соединување на душата на починатото лице со неговото тело, туку враќање на човекот во живот.

 Заблуда: Некои луѓе што ќе воскреснат веднаш ќе бидат уништени.

 Вистина: Библијата вели дека ,оние што правеле зло ќе воскреснат за осуда‘ (Јован 5:29). Но, на темел на што ќе бидат судени тие луѓе? На темел на она што ќе го прават откако ќе воскреснат, а не на темел на она што го правеле во минатото. Исус рекол: „Мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и оние што ќе послушаат, ќе живеат“ (Јован 5:25). Лицата кои ќе постапуваат според она што ќе го научат откако ќе воскреснат ќе бидат запишани во „свитокот на животот“ (Откровение 20:12, 13).

 Заблуда: Мртвите ќе воскреснат во истото тело во кое умреле.

 Вистина: По смртта, телото на починатиот се распаѓа и се враќа во прав (Проповедник 3:19, 20).