Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што треба да знам за видеоигрите?

Што треба да знам за видеоигрите?

 Квиз

 Во овој квиз има податоци од САД, каде што од видеоигри се заработуваат милијарди долари. Пробај да одговориш на следниве прашања:

  1.   Која е просечната возраст на оние што играат?

    1.  А. 18 години

    2.  Б. 30 години

  2.   Од оние што играат видеоигри, колкав процент се мажи, а колкав жени?

    1.  А. 55 отсто се мажи; 45 отсто се жени

    2.  Б. 15 отсто се мажи; 85 отсто се жени

  3.   Која од двете групи многу повеќе игра видеоигри?

    1.  А. Жени над 18 години

    2.  Б. Момчиња под 17 години

 Одговори (според податоци од 2013):

  1.   Б. 30 години.

  2.   А. Жените се застапени со 45 отсто, што е речиси половина.

  3.   А. Жени над 18 години сочинуваат 31 отсто од оние што играат видеоигри, додека момчиња под 17 години сочинуваат 19 отсто.

 Од овие податоци можеш да видиш кој игра видеоигри. Но, од нив не може да се види какво влијание може да имаат врз тебе — позитивно или негативно.

 Позитивни страни

 Со кои од следниве изјави во врска со видеоигрите се согласуваш?

  •  „Видеоигрите се забавни и ти помагаат да се зближиш со семејството и пријателите“ (Ирена).

  •  „Тие се добар начин да избегаш од реалноста“ (Анета).

  •  „Ти ги подобруваат рефлексите“ (Кристофер).

  •  „Преку нив учиш да решаваш проблеми“ (Ејми).

  •  „Кога играш, мораш да го вклучиш мозокот — да мислиш, да планираш и да смислуваш стратегии“ (Ентони).

  •  „Некои игри те учат да бидеш тимски играч“ (Томас).

  •  „Некои игри ти помагаат да вежбаш и да бидеш во форма“ (Јана).

 Се согласуваш ли со некои од овие изјави или можеби со сите? Видеоигрите можат позитивно да влијаат врз твоите ментални и физички способности. Но, не е погрешно понекогаш да играш за да ти помине времето или, како што вели Анета, за да „избегаш од реалноста“.

 ● Библијата вели дека „сѐ што се прави под небото си има свое време“, вклучувајќи ја и рекреацијата (Проповедник 3:1-4).

 Негативни страни

 Дали видеоигрите ти го крадат времето?

 „Кога ќе почнам да играм, не можам да престанам. Постојано си велам: ,Само уште едно ниво!‘ Но, додека да трепнам, времето летнало, а јас со часови не сум се мрднала од екранот!“ (Анета).

 „Видеоигрите може да ти одземат многу време. Седиш со часови и имаш чувство дека си постигнал нешто оти си победил во пет игри, а всушност не си постигнал ништо“ (Серена).

 Заклучок: Ако изгубиш пари, можеби некако ќе успееш да си ги вратиш. Но, изгубеното време не се враќа. Тоа значи дека времето е поскапоцено од парите. Затоа, внимавај како го трошиш!

 ● Библијата вели: „Однесувајте се мудро... Откупувајте си време“ (Колошаните 4:5).

 Дали видеоигрите влијаат врз твоето размислување?

 „Во видеоигрите, без око да ти трепне може ,да извршиш‘ злосторства за кои во реалниот свет се добива затворска или смртна казна“ (Сет).

 „Во многу игри, за да стигнеш до целта, мора да ги поразиш непријателите. Тоа обично вклучува да ги убиеш на некој грозоморен начин“ (Анета).

 „Понекогаш не можеш да си поверуваш на ушите што им велиш на своите пријатели додека играте! Ќе ти излета по некое ,умри!‘ или ,ќе те убијам!‘ “ (Нејтан).

 Заклучок: Немој да играш игри во кои има работи што Бог ги мрази, како насилство, неморал и спиритизам (Галатите 5:19-21; Ефешаните 5:10; 1. Јованово 2:15, 16).

 ● Библијата вели дека Јехова „го мрази оној што го сака насилството“, а не само оној што врши насилство (Псалм 11:5). Можеби твојот избор на видеоигри не открива каква личност ќе станеш, но веројатно открива каква личност веќе си.

 Размисли: Според една книга за воспитување тинејџери, „насилните видеоигри веројатно имаат посилно влијание врз однесувањето на децата отколку телевизијата. На телевизија тие гледаат безмилосни и крволочни ликови, а во видеоигрите самите тие се такви ликови. Со оглед на тоа што децата учат преку игра, насилните видеоигри ги учат на насилство“ (Getting to Calm; спореди со Исаија 2:4).

 Враќање во реалноста

 Голем број млади успеале да најдат рамнотежа кога станува збор за видеоигрите. Да видиме што велат некои од нив.

 „Порано играв видеоигри до ниедно време. Си велев: ,И онака ми се доволни само пет часа спиење. Ќе изиграм само уште едно ниво, и толку‘. Но, научив да бидам поумерен. Сега за мене видеоигрите се само хоби со кое се занимавам одвреме-навреме. Во сѐ треба да бидеш урамнотежен“ (Џозеф).

 „Откако почнав да трошам помалку време на видеоигри, имам повеќе време за други работи! Сега службата ја вршам поквалитетно, им помагам на другите во собранието, па дури научив да свирам и на еден инструмент. Има толку многу што да се прави!“ (Дејвид).

 ● Библијата вели дека зрелиот човек е „умерен во сѐ“ (1. Тимотеј 3:2, 11). Тој ужива во рекреацијата, но има самоконтрола и знае колку е доста (Ефешаните 5:10).

 Заклучок: Играњето видеоигри може да биде добра забава, но само ако си урамнотежен. Не дозволувај игрите да ти го крадат времето или поради нив да заборавиш на поважните работи. Наместо најважно да ти биде да победиш во некоја игра, зошто не ги насочиш своите напори на тоа да бидеш победник во реалниот живот?